Шпанскиот ракометен стратег Раул Алонсо, иако ја освои шампионска титула во Македонија со Еурофарм Пелистер и требаше да го води во Лигата на шампионите, заради професионален предизвик го напушти битолскиот клуб една година пред истекот на договорот и одлучи да седне на клупата на бундеслигашот Лајпциг.
По официјализацијата на разделбата Алонсо (46) се збогува со фановите на Еурофарм Пелистер.
„Има моменти во животот кои засекогаш остануваат во срцето, Денес морам да ви соопштам дека прифаќам нов професионален предизвик и си заминувам од Еурофарм Пелистер. Оваа одлука беше тешка за мене, но на крајот е вистинската што треба да ја донесам и е заснована на семејни причини.
,Она што го доживеавме заедно беше нешто навистина посебно. Шампионската титула, нашето патување во Лигата на шампионите, еуфоријата во салата, вашата поддршка, неверојатни натпревари и моменти!
Ви благодарам за секој момент на поддршка. Вие сте неверојатни!”, рече Раул по официјализацијата на спогоддбениот раскин на договорот.
Раул во Битола освои титула по само седум месеци работа, а сега се враќа во Германија, каде што живее и од каде што доаѓа неговата сопруга.
Челниците на Лајпциг, не чекаа многу и веднаш објавија дека се договориле за двегодишна соработка со Алонсо, а тој ќе го поведе тимот на стартот на подготовките за новата сезона.
„Навистина имавме среќа да најдеме некој што целосно ни одговара на проектот толку бргу. Алонсо ја познава Бундеслигата и знае точно што да очекува. Тој носи искуство од повеќе клубови и е возбуден за новиот предизвик. Убедени сме дека може да го достигне потенцијалот на овој наш тим. Ангажманот е многу важен чекор за нас и едвај го чекаме почетокот на патот со Раул Алонсо“, кажа директорот на германскиот клуб Карстен Гинтер.
Освен него, краток коментар за сајтот на Лајпциг има и од шпанскиот тренер кој кажа:
„Многу сум среќен за новиот предизвик во Лајпциг. Клубот и градот ми даваат добри импресии, исто како и дискусиите со управата. Благодарен сум за довербата и едвај чекам да почнам да работам со тимот, да напредуваме чекор по чекор заедно“.