Растот во секторите за вештачка интелигенција ја зголеми цената на бакарот

13

Цената на бакарот продолжува да расте, а се предвидува дека побарувачката за овој метал ќе порасне за 50 отсто до 2040 година, поради растот во секторите за вештачка интелигенција (ВИ) и одбрана. Тригодишните фјучерси на бакарот на Лондонската берза за метали пораснаа за 3,1 отсто, на рекордни 13.387 долари.

Растот на цената е поттикнат од очекувањата дека администрацијата на САД ќе воведе царини на рафинираниот бакар, што доведува до масовно пренасочување на резервите во САД. Поради тоа, понудата на бакар во остатокот на светот е ограничена, а секторот не успева да го следи тоа со зголемено производство.

Индексот на Лондонската берза, кој ги следи цените на шест клучни метали, скокна на највисоко ниво од март 2022 година, додека бакарот лани во ноември забележа раст од 20 отсто. Резервите на бакар во складиштата на берзата се преполовени во однос на претходната година, а пазарниот индикатор укажува на краткорочен притисок.

Растот во секторите за вештачка интелигенција (ВИ) и одбрана ќе ја зголеми глобалната побарувачка за бакар за 50 отсто до 2040 година, но без дополнително рециклирање и отворање нови рудници, се очекува понудата да заостанува во однос на побарувачката за повеќе од 10 милиони метрички тони годишно, предвидува консултантската компанија „S&P Global“.

Според извештајот, глобалната побарувачка ќе достигне 42 милиони метрички тони годишно до 2040 година, во споредба со 28 милиони метрички тони во 2025 година. Без нови извори на снабдување, речиси една четвртина од таа побарувачка, веројатно, нема да биде задоволена.

Вештачката интелигенција претставува значајна област на раст за побарувачката на бакар, со повеќе од 100 нови проекти за центри за податоци минатата година, во вкупен износ од нешто помалку од 61 милијарда долари.

Во извештајот, исто така, се наведува дека војната во Украина и одлуките на Јапонија, Германија и на други земји за зголемување на трошоците за одбрана дополнително ќе ја зголемат побарувачката за бакар.

Чиле и Перу се најголеми производители на бакар, додека Кина е најголем преработувач.

Соединетите Американски Држави, кои воведоа царини за некои видови бакар, увезуваат околу половина од своите потреби секоја година.

ИЗДВОЕНИ