Растот на туризмот од над 20 проценти ќе го зголеми бруто домашниот производ

9

Растот во туризмот од над 20 проценти во изминатите четири месеци ќе има позитивно влијание на државниот бруто домашен производ, на економскиот раст на државата, но и повеќе пари за граѓаните, смета премиерот Христијан Мицкоски.

Тој очекува дополнително зголемување и во наредниот период.

– Тоа е добар податок забележан во првите четири месеци од годинава. Добар податок во смисла на тоа што имаме повеќе од 20 проценти и туристи и ноќевања. Таа значи и повеќе пари за граѓаните што им нудат услуги на овие туристи. Тоа значи и дека ако просекот е оти секој од нив во просек оставил по 800 евра надвор од аранжманот, тоа се стотици милиони евра што ќе останат, тука, во угостителството, во услужната дејност… – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека, како влада, очекуваат уште поголемо засилување и раст на туризмот во наредниот период, што би резултирало со поголем број туристи и ноќевања.

– Обидот директно да преговараме со туроператорите е успешен – 40 илјади туристи од Западна Европа веќе престојуваат тука, за вкупен број зборувам. Тоа се околу 160 илјади ноќевања, надвор од сезона кога зборуваме за Охрид, во другиот дел од државата – цела година е сезона. Следната година очекуваме, надвор од сезона, половина милион ноќевања. Разговараме со други туроператори и очекуваме повторно двоцифрен раст на туризмот. Тоа влијае и на БДП и на економскиот раст на државата – рече премиерот.

Додаде дека минатата година во земјава имало 1,2 милиони туристи, а годинава се очекуваат до 1,5 милиони. Лани биле регистрирани 3,5 милиони ноќевања, а годинава се очекуваат минимум до 4 милиони ноќевања.

ИЗДВОЕНИ