Во првата половина од 2025 година, годишниот раст на македонскиот БДП се зголемил во просек на 3,2 отсто и се предвидува да продолжи да забрзува и во следните две години, поттикнат од инвестициите и од приватната потрошувачка, се наведува во есенската економска прогноза за 2025 година на Европската комисија, во делот посветен на економските перспективи на земјава.
– И покрај силните перформанси на јавните приходи во првите девет месеци од 2025 година, достигнувањето на целта за дефицит од четири отсто од БДП за 2025 година претставува предизвик, бидејќи тековните трошоци беа повисоки од првично планираните. Се предвидува дека дефицитот постепено ќе се намалува, но ќе остане над три проценти од БДП – се вели во документот.
Според ЕК, во првата половина од 2025 година, економската активност во голема мера била поттикната од инвестициите и од приватната потрошувачка, додека јавната потрошувачка останала непроменета по значителното зголемување минатата година.
Комисијата предвидува дека приватната потрошувачка, веројатно, ќе остане силна во текот на 2026 и на 2027, при што расположливиот доход постепено ќе се зголемува, иако со пониски стапки со оглед на проектираниот раст на платите и на пензиите.
– Бруто-инвестициите, веројатно, ќе бидат главниот поттикнувач на растот. Јавните работи на патните коридори 8 и 10-д започнаа во 2025 година и се очекува нивниот придонес кон економскиот раст да достигне врв во 2027 година. Приватните инвестиции имаат корист од подобрувањето на амбиентот и од субвенционираното финансирање преку заеми од Унгарија и кредитни линии на ЕИБ – се наведува во прогнозата.
Во документот се додава дека македонските извоз и увоз во првата половина од 2025 година забележале подобри резултати од она што било предвидено со пролетната прогноза на ЕК. Според ЕК, иако трговските врски на земјата со САД се ограничени, таа, сепак, е индиректно изложена на влијанието на американските царини преку извозот на автомобилски компоненти во Германија.
Во документот се додава дека како резултат на зголемувањето на цените на храната, инфлацијата почнала да расте од септември минатата година.
– Во 2025 година, главен предизвик за инфлацијата беа домашните фактори, и тоа зголемувањето на платите и кредитниот раст наместо цените на храната и на енергијата. Ова се одрази на закрепнувањето на вкупната инфлација во текот на летото – се додава во прогнозата.
Во неа се предвидува инфлацијата годинава да биде нешто повисока од претходно очекуваното, но и дека таа до 2027 година ќе ја достигне целта на централната банка за инфлациска стапка од 2 проценти.
Во документот се оценува дека и покрај одржливиот раст на вработеноста во првата половина од 2024 година и намалувањето на невработеноста, особено кај жените, неактивноста на работоспособното население останува висока.
– Бруто номиналните плати се зголемија за 12,9 отсто во 2024 година, поттикнати од повисоката минимална плата, колективните договори и од недостигот на работна сила во многу сектори, но растот на платите донекаде се смири во првата половина од 2025 година. Во овој контекст, растот на вработеноста, веројатно, ќе остане придушен, сè додека не се решат големите структурни предизвици, како што е малата понуда на пазарот на трудот – се вели во прогнозата.
Европската комисија посочува и дека во првите девет месеци од годината е регистрирано силно зголемување на даночните приходи, при што со ребалансот на буџетот во јули годинава биле зголемени и проекциите за приходите и за трошоците, без промена на целта за дефицит од четири отсто од БДП.
– Приходите беа приспособени со претходно небуџетиран трансфер на профитот на централната банка кон Владата. Трошењето беше зголемено за пензии, плати, стоки и услуги. Јавните инвестиции беа ниски во првите три квартали од 2025 година, па неискористените средства може да бидат пренасочени кон тековните трошоци за да се достигне целта за дефицитот за 2025 година – се додава во документот.
Во него се предвидува дека дефицитот постепено ќе се намалува во текот на следните две години, како резултат на поограничените зголемувања на платите во јавниот сектор и на пензиите, целно насочените социјални трошоци и робусното зголемување на приходите во согласност со проекциите за економски раст.
Еврокомисијата посочува дека Владата мора да преземе конкретни мерки за консолидација за да ја оствари целата за дефицит од 3 отсто од БДП до 2027 година, како и дека во наредните две години ќе ѝ биде потребно годишно финансирање на ниво од 10 до 12 отсто од БДП, поради достасувањето на „големата отплата“ од 700 милиони евра за еврообврзницата од 2020 година, што достасува во јуни 2026 година.
Како евентуални ризици со кои би можела да се соочи македонската економија во следните две години, во документот се посочуваат намалувањето на потрошувачката на домаќинствата, како резултат на инфлацијата и појавата на проблеми во спроведувањето на инфраструктурните проекти, што би резултирало со помали позитивни придобивки од нив за домашната економија.
– Спротивно на тоа, брзото завршување на структурните реформи, како што е договорено во рамките на Планот за раст со ЕУ, би ги подобрило перспективите за продуктивност и раст – се заклучува во есенската економска прогноза за 2025 година на Европската комисија, во делот за земјава.












