Растот на кинеската економија забавува

12

Во првите три квартали од 2025 година, кинеската економија забележа пораст од 5,2 %, според податоците на Државното биро за статистика на Кина. Со тоа, земјата ја одржува стабилноста и се движи во насока на исполнување на годишната цел за економски пораст од околу 5 %.

Во третиот квартал (јули – септември), бруто-домашниот производ (БДП) пораснал за 4,8 % на годишно ниво, а за 1,1 % во однос на претходниот квартал. Иако порастот продолжува, тој е нешто побавен во споредба со првите два квартала од годината.

Индустриското производство пораснало за 6,2 %, додека малопродажбата на стоки за широка потрошувачка бележи пораст од 4,5 %. Реалниот приход по глава на население се зголемил за 5,2 %, но инвестициите во фиксен имот (без земјоделските домаќинства) се намалиле за 0,5 % во споредба со истиот период минатата година.

И покрај позитивните резултати, властите укажуваат на неколку предизвици. Забавувањето на растот, слабата домашна побарувачка и кризата во секторот на недвижности остануваат значајни ризици за економската стабилност. Дополнително, трговските тензии со странските партнери и нестабилната глобална економска состојба влијаат врз кинескиот извоз и инвестициската клима.

Сепак, Кина останува една од најбрзо растечките големи економии во светот, а владата најавува нови мерки за поддршка на индустријата, потрошувачката и финансиската стабилност во последниот квартал од годината.

 

ИЗДВОЕНИ