Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК+ ја зголеми својата прогноза за глобалната побарувачка на нафта за следната година и ја намали својата процена за растот на понудата од други производители надвор од групата.
Во својот месечен извештај, ОПЕК истакнува дека светската побарувачка на нафта треба да се зголеми за 1,38 милиони барели дневно во 2026 година, што е зголемување од 100.000 барели дневно во споредба со претходната прогноза.
Во извештајот, ОПЕК малку ја зголеми својата прогноза за светскиот економски раст оваа година на 3,0 %, поради потпишувањето трговски договори со одредени партнери од страна на администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, а економиите на Индија, Кина и на Бразил ги надминаа очекувањата.
– Економските податоци на почетокот од втората половина од оваа година дополнително ја потврдуваат стабилноста на глобалниот раст, и покрај тековната неизвесност поврзана со трговските тензии насочени кон Соединетите Американски Држави, како и пошироките геополитички ризици – објави ОПЕК.
Откако ОПЕК го објави извештајот, цената на нафтата од видот брент беше стабилна и со неа се тргуваше на ниво од околу 66 долари за барел, додека во април достигна најниско ниво во последните четири години, на близу 58 долари.