Расте цената на житарките

34

Цените на храната на глобално ниво паднаа и во декември, четврти месец по ред, бидејќи падот на цените на млекото, млечните производи и на месото преовлада над зголемувањето на цената на житарките и на шеќерот, објави Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Ценовниот индекс на ФАО на кошничката за основни прехранбени производи, во просек, изнесуваше 124,3 поени во декември и беше за 0,6 % понизок отколку во ноември и за 2,3 % под нивото од претходната година.

Во целата 2025 година, основните прехранбени производи беа, во просек, за 4,3 % поскапи од 2024 година, бидејќи повисоките цени на растителните масла, млекото и на млечните производи преовладуваа над пониските цени на житарките и на шеќерот.

Млекото и млечните производи поевтинија и во декември, за 4,4 % во споредба со ноември, со нагло намалување на цените на путерот, благодарение на сезонски изобилната понуда на крем во Европа.

Цените на месото, исто така, значително паднаа во декември, за 1,3 % во споредба со ноември, според ревидираните податоци, со значително поевтини говедско месо и живинско месо.

Растителните масла, исто така, паднаа по цена, но само за 0,2 % во споредба со ноември, а нивните цени беа на најниско ниво за шест месеци во декември, со значително намалување на цената на соиното, сончогледовото масло и на маслото од репка.

Во целата минатата година, растителните масла беа дури 17,1 % поскапи отколку во 2024 година, а нивните цени достигнаа највисоко ниво за три години поради намалената глобална понуда.

Житарките, од друга страна, значително поскапеа. Нивната цена во декември се зголеми за 1,7 % во споредба со ноември, поради стравувањата за понудата на пченица од регионот на Црното Море, силната побарувачка за пченка и зголеменото производство на етанол во Бразил и во САД.

Во целата 2025 година, житарките, во просек, беа поевтини за 4,9 % отколку во 2024 година, а нивните цени беа на најниско ниво од 2020 година.

Цените на оризот, во просек, беа 35,2 % под нивото од 2024 година, што ги одразува изобилството на извозни резерви, интензивната конкуренција меѓу извозниците и намаленото купување од некои азиски земји увознички.

Цените на шеќерот се стабилизираа во декември, според зголемувањето на вредноста на индексот за 2,4 % во споредба со ноември, главно, поради наглиот пад на производството во клучните јужни региони на Бразил.

ИЗДВОЕНИ