Најмалку 13 лица загинаа, а засега не е познат бројот на оние кои се заробени во облакодерите, откако масивен пожар проголта неколку високи станбени згради во северниот округ Таи По во Хонг Конг, соопшти владата.
Пожарникарите во текот на ноќта се обидуваа да го изгаснат пожарот, додека густ црн чад се извишуваше од 31-катните облакодери, а пламените го осветлуваа ноќното небо. Комплексот станови Ванг Фук Корт, каде што избувна пожарот, се состои од 2.000 станови распоредени во осум блока.
Противпожарната служба изјави за Ројтерс дека сè уште не знае колку луѓе можеби сè уште се во зградите.
Луѓето се собраа на блискиот тротоар, гледајќи со ужас и фотографирајќи го чадот што се издигаше од зградите, некои со бамбусови скелиња, за кои корисниците на социјалните медиуми објаснија дека се реновираат изминатата година.
Според сведоци на Ројтерс, рамките на скелињата паднале на земја додека пожарникарите се бореле со пожарот. Ванг Фук Корт е еден од многуте станбени населби во Хонг Конг, една од најгусто населените области во светот.
Околу 300.000 луѓе живеат во Таи По, округ во близина на границата со Кина. Поседувањето дом е далечен сон за многумина во Хонг Конг, кој има еден од најскапите пазари на недвижности во светот, со кирии на рекордни нивоа. Населбата е дел од владина програма за субвенционирано домување.
Противпожарната станица соопшти дека добила пријави за пожар во Ванг Фук Корт во 14:51 часот. До 18:22 часот, тревогата била подигната на петто ниво, т.е. највисоко во градот. Силните ветрови помогнаа во ширењето на пламените јазици во седум од осумте блока во комплексот. Хонг Конг е едно од последните места во светот каде што бамбусот сè уште е широко користен за скелиња во градежништвото.
Поради безбедносни причини, владата започна постепено да ја укинува употребата на скелиња од бамбус во март. Таа објави дека 50 проценти од јавните градежни работи ќе мора да користат метални рамки.












