Бројот на жртви во лавините во Австрија се искачи на осум, соопштија австриските планински спасувачки екипи. Пет скијачи ги загубија животите во регионот Салцбург, додека тројца скијачи загинаа во Штаерска откако беа затрупани во лавина.
Во областа Пустервалд, во округот Муртал во Штаерска, лавина затрупа седум скијачи од Чешка вчера попладне. Тројца од нив загинаа, додека другите беа извлечени, објави австрискиот весник „Кронен Цајтунг“. Околу 150 спасувачи учествуваа во спасувачката операција, но потрагата по телата мораше да биде прекината поради лошите временски услови. Операцијата е закажана да продолжи денес.
Порано во текот на денот, скијачка беше затрупана од лавина во близина на Салцбург на надморска височина од околу 2.200 метри. Несреќата ја пријавил нејзиниот сопруг околу 12:30 часот по локално време, но жената починала и покрај обидите да ја реанимираат.
Околу 14 часот, планинската спасувачка служба доби уште еден повик откако лавина затрупа седум скијачи во алпски скијачки центар во долината Гросарл, на надморска височина од околу 2.150 метри. Четири лица беа пронајдени мртви, едно тешко повредено, едно полесно повредено, а едно лице неповредено. Повредените беа префрлени со хеликоптер во блиските болници.
Две други лавини беа пријавени во австриските планини во текот на вчерашниот ден, но за среќа никој не беше повреден во тие инциденти.
Според локалните власти, лавините биле предизвикани од самите скијачи, и покрај јасните и повторени предупредувања да се избегнуваат ризични области. Окружниот раководител на планинската спасувачка служба, Герхард Кремзер, рече дека ситуацијата е исклучително сериозна.
- Нашето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Оваа трагедија е болен потсетник за тоа колку е опасна моменталната ситуација со лавини, рече Кремзер.











