Директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, за весникот ВЕЧЕР изјави дека на Клиниката засега има вкупно пет деца на болничко лекување. Петте деца на болнички третман се во општа стабилна здравствена состојба и сите се со иста клиничка слика, односно со стомачни болки, повраќање, лесно зголемена температура и дијареја – појасни Мемеди. Тој додаде дека сите деца добиле комплетен медицински третман и грижа, како и потребна терапија

 

Уште три деца од ОУ „Димо Хаџи Димов“ биле примени во средата вечерта на Клиниката за детски болести. Директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, за весникот ВЕЧЕР изјави дека на       Клиниката засега има вкупно пет деца на болничко лекување.

– Петте деца на болнички третман се во општа стабилна здравствена состојба и сите се со иста клиничка слика, односно со стомачни болки, повраќање, лесно зголемена температура и дијареја – појасни Мемеди.

Тој додаде дека сите деца добиле комплетен медицински третман и  грижа, како и потребна терапија.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, пак, нагласи дека се земени примероци од храна од кујната во училиште,  девет примероци од површини, од различни чешми, од клупи, од  работни пултови, потоа брис од грло, нос и раце од тројца вработени во кујната, а земена е вода од шест места во училиштето и кујната за нејзино микробиолошко и физичко-хемиско испитување.

– Дадовме и налог до Клиниката за детски болест за дополнителен материјал кој би исклучил паразити, вируси и постоење на некакво инфективно заболување. Преземено е сè што е потребно, земени се сите потребни примероци кои се ставени во процедура – истакна Андоновска.

Таа нагласи дека за нивна обработка се потребни 24 часа и дека денеска околу 13 часот би требало да се добијат првичните резултати.

Освен тоа, таа напомена дека е направена контрола во уште девет училишта на територијата на општина Карпош од каде што биле земени примероци од површини и од храна во кујните.

И од Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека вчера нејзини инспекциски тимови спровеле вонредни инспекциски контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магазин кој се наоѓа во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, и од каде што се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера ја затвори кујната во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако голем број ученици се пожалиле на стомачни болки. Вчера до здравствените власти имаше пријави за влошена здравствена состојба со стомачни тегоби кај девет деца, иако од настава отсуствувале 80-ина деца.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ