Во текот на 50-тата недела од 2025 година (од 8 до 14 декември), во Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип. Тоа е за околу 31 отсто повеќе во споредба со претходната недела, кога беа регистрирани 96 случаи.
Во однос на истиот период минатата година, бројот на заболени е зголемен за речиси 7 проценти, покажуваат податоците на ИЈЗ.
Заболените се евидентирани во 15 градови низ државата. Најмногу случаи има во Тетово (30), Куманово (20), Македонски Брод (18), Скопје (15) и Штип (12). Во останатите градови – меѓу кои Гостивар, Струмица, Охрид и Кавадарци – бројот на заболени е под 10.
Највисока зачестеност на грип е регистрирана во Македонски Брод, каде има 178 заболени на 100.000 жители.
Најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години (97 случаи), потоа лица над 65 години (16), деца од 5 до 14 години (7) и најмлади од 0 до 4 години (6 случаи).
И покрај порастот на бројот на заболени, здравствените власти информираат дека сè уште не е достигнат прагот за официјален почеток на сезоната на грип. Регистрираната зачестеност е значително под неделната граница која укажува на сезонска активност на вирусот.
Од лабораториски тестираните примероци, потврдени се четири случаи на грип – три од типот Influenza A (H3) и еден Influenza A (H1). Дополнително, регистриран е еден случај на респираторен синцицијален вирус (RSV), додека случаи на ковид-19 не се евидентирани.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега, вкупно се пријавени 998 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е за над 50 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Во споредба со просекот од последните 15 години, бројот на заболени е речиси ист.
Здравствените власти апелираат граѓаните да внимаваат на личната хигиена, да избегнуваат поголеми гужви и навреме да се обратат кај лекар доколку имаат симптоми. (П.А.)












