Пребројувањето што го реализираа членовите на Македонското еколошко друштво (МЕД) и Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци потврдија присуство на 19-20 двојки на белоглави мршојадци оваа гнездечка сезона – од кои девет во колонијата во Демиркаписката Клисура, а 10 до 11 во колонијата на Тиквешкото Езеро.
– Ваква бројност последен пат сме имале во 2010 година, а честите инциденти со труења на Балканот ја турнаа нивната популација на само шест двојки во 2018 година. Оттогаш, надлежните служби ја интензивираа борбата против користењето на отровни мамки преку тековниот проект BalkanDetox Life (финансиран од Life програмата на Европската Унија), а од страна на нашите бугарски и грчки колеги на голем број од птиците се поставени ГПС локатори, па така за првпат можеме во живо да ги следиме нивните движења и да дејствуваме превентивно. Бројноста на белоглавите мршојадци последниве години расте насекаде на Балканскиот Полуостров, токму благодарение на координираните мерки за заштита – велат од МЕД.
Оттаму ова здружение информираат дека во моментов, најмалку 16 млади пилиња се наоѓаат во нивните гнезда, минувајќи низ најризичниот дел од нивните животи – достигнување на целосна големина и осамостојување.
– Во тој период ќе се соочат со уште една сериозна закана – недостатокот на храна, која по правило се состои од угинати диви и домашни животни, па мрежата на хранилишта во регионот треба да ги зголеми нивните природно мали шанси за опстанок. Со уште работа, и со малку среќа, се надеваме дека за неколку години ќе ја надминеме и бројката од 25 двојки, која веќе ја сметавме за критично ниска пред повеќе од 20 години, кога започнавме да работиме на нивна заштита – истакнуваат од МЕД.