Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Иран да седне на преговарачка маса и да постигне договор за нуклеарно оружје, предупредувајќи дека следниот американски удар би можел да биде многу помоќен. Техеран одговори со закана дека ќе ги нападне САД, Израел и оние што ги поддржуваат.
„Се надевам дека Иран брзо ќе „седне на маса“ и ќе преговара за фер и правичен договор што е добар за сите страни. Времето истекува, а тоа е навистина пресудно!“, напиша Трамп на социјалните медиуми.
Во услови на зголемување на американските сили на Блискиот Исток, републиканскиот претседател, кој се повлече од нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, потсети дека неговото последно предупредување до Иран им претходеше на воените напади во јуни.
„Следниот удар ќе биде многу помоќен! Не дозволувајте да се случи повторно“, напиша Трамп. Тој повтори дека американската „армада“ плови кон Исламската Република.
Секоја воена акција од страна на Соединетите Американски Држави ќе резултира со тоа што Иран ќе ги таргетира Соединетите Американски Држави, Израел и оние што ги поддржуваат, изјави Али Шамхани, советник на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во објава на мрежата Икс.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, предупреди на мрежата Икс дека иранските вооружени сили го имаат „прстот на чкрапалото“ за веднаш и енергично да одговорат на каква било агресија.
„Иран отсекогаш го поздравувал заемно корисен, фер и правичен нуклеарен договор – на еднаква основа, без принуда, закани и заплашување, што го обезбедува правото на Иран на мирна нуклеарна технологија и гарантира дека е без нуклеарно оружје“, напиша Аракчи.












