понеделник, февруари 2, 2026
Дома СВЕТ Растат тензиите на Блискиот Истoк: Техеран прави засолништа, САД и Израел тајно...

Растат тензиите на Блискиот Истoк: Техеран прави засолништа, САД и Израел тајно се договараат, а Турција создава исламско НАТО

484

Трамп изрази надеж дека Техеран ќе седне на преговарачка маса и ќе се постигне „фер и праведен“ договор, кој би вклучувал целосно откажување од нуклеарното оружје. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, рече дека Иран е подготвен за преговори, но дека тие мора да се одвиваат без американски закани и заплашување, а претседателот Масуд Пезешкијан оцени дека поширок конфликт би им наштетил и на Иран и на Америка. За разлика од Аракчи и Пазешкијан, врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше поостар, па рече дека Американците треба да знаат дека ако овој пат почнат војна, тоа ќе биде регионална војна

 

Во услови на зголеменото американско поморско присуство и воздушна одбрана на Блискиот Исток,  Иран е на штрек. Очекувајќи американски напад во секој момент, Техеран подготвува засолништа за 2,5 милиони жители, што е само мал дел од населението на 90 милионската држава.

– Повеќе од 300 подземни простори, вклучувајќи паркинзи и метро станици, ќе се користат како засолништа за 2,5 милиони жители на Техеран, рече Али Насири, раководител на организацијата за управување со кризи во Техеран.

Според него, 82 метро станици се означени како засолништа и опремени се со објекти за спасување на живот во кои има тоалети и резерви со вода и храна. Идентификувани се и околу 518 стари засолништа во училиштата, но само околу 20 проценти од нив можат да се реновираат. За иранската телевизија, Насири рече дека подоцна ќе бидат поставени знаци и информативни табли за да ги насочат граѓаните кон овие локации.

Предупредувањето беше дадено во саботата, кога американски воен авион познат како „нуклеарен трагач“, слета во Велика Британија, во услови на зголемени тензии со иранскиот режим и со шпекулации дека САД размислуваат за нов напад врз Иран, откако во јуни минатата година нападнаа три нуклеарни постројки. А, како што предупреди Трамп, секој иден напад на САД би бил многу посериозен од тој во јуни.

Среде растечките тензии на Блискиот Исток, двајца американски претставници, кои сакаа да останат анонимни, информираа за одржан таен состанок на највисоките воени претставници на САД и Израел, во присуство на американскиот генерал, Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили, и Ејал Замир, началник на штабот на израелските вооружени сили. Детали за разговорите зад затворени врати, што се одржале во Пентагон, не се соопштени, а се знае дека не биле најавени претходно. По овој состанок, од Кабинетот на израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, објавија дека тој се сретнал со Замир за да ги разгледаат ситуацијата во регионот и оперативната подготвеност на израелската војска за секое можно сценарио.

Трамп, минатата недела, изјави дека нова „масовна армада“ се движи кон Иран и изрази надеж дека Техеран ќе седне на преговарачка маса и ќе се постигне „фер и праведен“ договор, што би вклучувал целосно откажување од нуклеарното оружје. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, рече дека Иран е подготвен за преговори, но дека тие мора да се одвиваат без американски закани и заплашување, а претседателот, Масуд Пезешкијан, оцени дека поширок конфликт би им наштетил и на Иран и на Америка. За разлика од Аракчи и Пазешкијан, врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, даде многу остро предупредување.

– Американците треба да знаат дека ако овој пат почнат војна, тоа ќе биде регионална војна, рече тој, повикувајќи го иранскиот народ да остане смирен, објави иранската агенција „Тасним“.

Хамнеи, исто така посочил дека Иран не започнува војни и нема намера да напаѓа други земји, но дека, како што рекол, решително ќе одговори на секој напад или закана. На неговата закана со регионална војна Трамп одоговори дека дали бил во право, ќе се види ако не се постигне договор.

Во услови на се поголеми тензии на Блискиот Исток, турскиот претседател Реџеп Ердоган не се ди со скрстени раце. Турција размислува да се приклучи на одбранбениот сојуз на Саудиска Арабија и Пакистан, според кој, секој чин на агресија против една членка се смета за напад врз сите, изјавија за „Блумберг“ извори запознаени со разговорите. Таков триаголник би споил различни ресурси -пакистанската нуклеарна моќ, саудиските финансии и турската воена индустрија и оперативно искуство. Според изворите, преговорите за, како што објавија турските медиуми, создавање на „исламско НАТО“ се во напредна фаза и постигнувањето на тој договор е многу веројатно.

ИЗДВОЕНИ