Расправите да не се закажуваат надвор од работното време и среде лето

– Овие презентации и дискусии треба да бидат со видеопренос, со дебати со граѓаните и со стручната фела. Исклучително е важно стручната фела активно да биде вклучена, бидејќи овој документ ја диригира иднината на Скопје – сметаат од „Зелен хуман град“. Од групата велосипедисти „На точак“ сугерираат доколку навистина сака да се вклучат повеќемина, Град Скопје треба да сподели за јавните дискусии на социјалните мрежи, да ги закаже надвор од работното време, по летните одмори, да има едуциран модератор што ќе ја насочува дискусијата, да повика стручни лица од соодветната област за да ѝ се даде тежина на дискусијата, да ги направи презентациите разбирливи и визуелни, па дури и интересни за граѓаните

155

Откако Град Скопје се пожали дека нема интерес од страна на граѓаните за јавните дискусии во врска со изработката на генералниот урбанистички план за Град Скопје, за периодот од 2022 до 2032 година, се скратија дискусиите и во еден ден беа опфатени по две општини, како што беше во петокот, за Карпош и за Сарај. Минатата недела, четири дена им беа посветени на жителите на Ѓорче Петров, со кои се дискутираше за секој градски кварт одделно.

Дискусиите беа закажани во време кога се граѓаните на работа. Граѓанските здруженија реагираат зошто се прави тоа среде лето, кога повеќето се на одмор и во време кога и тие малкумина што се во Скопје, се на работа.

– Овие презентации и дискусии треба да бидат со видеопренос, со дебати со граѓаните и со стручната фела. Исклучително е важно стручната фела активно да биде вклучена, бидејќи овој документ ја диригира иднината на Скопје – сметаат од „Зелен хуман град“.

Додаваат дека дискусиите не треба да бидат најавени ден пред одржувањето. При тоа, очекуваат Градот Скопје да има барем уште по една јавна презентација, најавена недели порано, во општината што ја засега.

Во врска со тоа што се жали Град Скопје, дека мал број граѓани учествувале во овие дискусии и дека се интересирале само за своите парцели, а не за јавниот простор, од групата велосипедисти „На точак“ сугерираат доколку навистина сака да се вклучат повеќемина, Град Скопје треба да сподели за нив на социјалните мрежи, да ги закаже надвор од работното време, по летните одмори, да има едуциран модератор што ќе ја насочува дискусијата, да повика стручни лица од соодветната област за да ѝ даде тежина на дискусијата, да ги направи презентациите разбирливи и визуелни, па дури и интересни за граѓаните.

– Простор за изговори во денешно време нема. Односот кон темите и едукацијата треба да се негува од институциите, во континуитет, за да има резултат. Не е вината во граѓаните – децидни се од „На точак“.

Тие се надеваат дека од септември ќе се повторат овие дискусии, дополнително предлагаат во 2025 година да има и интерактивни онлајн алатки за вклучување на граѓаните.

Од „Борба за Влае“ велат дека, за жал, како што кажал еден од присутните на јавните дискусии, како жители на Карпош, се научени да доаѓаат на презентациите на урбанистичките планови и да дознаваат за нивното донесување кога ќе се појават багерите, а не да бидат вклучени во процесот на нивно планирање.

Сепак, „Борба за Влае“ ги фалат Град Скопје и интерните сектори, пред сè Секторот за планирање и уредување на просторот за вклучувањето на јавноста во овој процес, но и за известувањето дека ако некој жител не може да присуствува на дискусијата за својата општина, може да присуствува на некоја наредна дискусија и да ги постави прашањата по нејзиното завршување.

Според нив, на дискусијата што се однесувала на Општина Карпош присуствувале 50-ина жители на Карпош, кои ги презентирале своите проблеми, мислења и забелешки. Дел од нив, како што велат од граѓанската иницијатива, биле за јавното зеленило, за државното земјиште што се дава за приватни градби, за велосипедските и пешачките патеки, за паркингот на јавен простор, за игралиштата итн.

Реагираат дека Влае е оштетено од непостоењето ДУП за Влае 1 и од регулацискиот план „Влае 2“, донесен врз основа на стариот ГУП.

– Побрзото и поквалитетно донесување на новиот ГУП ќе биде во интерес на граѓаните – сметаат од „Борба за Влае“.

Во наредните денови ќе има дискусии за другите општини.

Генералниот урбанистички план е документ од најголема важност за развојот на градот. Во него се дефинира за колку жители има капацитет градот, со колкава густина и максимална катност да се гради, колку и каде има потреба од јавни институции, колку и каде треба да има паркови, колку широки да бидат булеварите, со каков состав, каква ќе биде велосипедската мрежа и каков ќе биде основниот сообраќаен систем на градот, меѓу другите битни теми.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ