Следната недела в петок почнува расправата по Предлог-буџетот за 2026 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет. До понеделник, 10 ноември, е рокот до којшто пратениците може да поднесат амандмани на Предлог-буџетот, а според најавите од претседателот на Собранието Африм Гаши, се очекува на 9 декември да се одржи пленарната седница.
Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра.
Економскиот раст за следната година е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоскка, Предлог буџетот ги опфаќа сите клучни политики што ќе се спроведуваат во наредниот период, со јасна цел – забрзување на економскиот раст, а паралелно со тоа и постепена фискална консолидација.
– Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг, истакна министерката за финансии на 28 октомври презентирајќи го Предлог-буџетот.












