Согласно со планот за набавка, 100 автобуси се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за општините. Најповолниот понудувач има обврска да произведе и да испорача 30 автобуси во рок од 6 месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци и 60 автобуси во рок од 18 месеци

 

Министерството за транспорт вчера го објави вториот јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење.

Оттаму соопштија дека согласно со планот за набавка, 100 автобуси се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за општините.

Најповолниот понудувач има обврска да произведе и да  испорача 30 автобуси во рок од 6 месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци и 60 автобуси во рок од 18 месеци.

Јавниот повик е објавен на електронскиот сервис за Бирото за јавни набавки.

Рокот за доставување на потребната документација e до 30 март 2026 година.

– Набавката на електрични еколошки автобуси претставува јасна политичка определба за заштита на животната средина како и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и во останатите општини. Покрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија – велат од Министерството за транспорт.

Оттаму додаваат дека ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа.

– Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и во борбата за подобрување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги – нагласуваат од надлежното министерство.

Првиот јавен повик за избор на понудувач за набавка на електрични автобуси и станици за полнење беше објавен на 17 јуни, со краен рок за доставување на понудите до 24 јули 2025 година. На повикот, понуда достави само една фирма за која, по извршената евалуација, Комисијата задолжена за спроведување на постапката утврди дека понудата не ги задоволува критериумите предвидени во тендерската документација.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ