Oфицијално започна постапката за набавка на 40 современи на возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“, кои ќе донесат ред и достоинство во градoт. Министерството за транспорт, во соработка со Светска банка, веќе ја распишало тендерската постапка, а по завршување на сите правни процедури, ќе започне и испораката на возилата. Ова вчера го најави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
– Ова е најголемата инвестиција во јавната чистота во последните десет години, што јасно зборува за нашите силни заложби за доброто на граѓаните. Само за споредба, ова се случува за помалку од три месеци откако сум градоначалник, споредбено со осум години во минатото, кога биле набавени само четири возила – потенцираше Ѓорѓиевски.
За воспоставување ред во хигиената, Советот на Град Скопје донесе одлука со која се забранува фрлање ѓубре во периодот од 22:00 до 6:00 часот. Според градските власти, со оваа мерка им се дава правна основа на инспекторите и на комуналните редари да санкционираат физички и правни лица што нема да го почитуваат дозволениот термин за фрлање отпад.
Од Град Скопје информираа дека градските служби и инспекциските органи спроведуваат редовни и засилени контроли на терен и оти од почетокот на примената на мерката биле изречени повеќе од 60 казни за физички лица што ја прекршиле забраната.
– Дополнително, изречени се десетици казни за правни субјекти што ја нарушуваат животната средина, за оваа и по разни други основи, во износ од илјадници евра, од 1.000 до 53.000 евра, а има и казни од над 90.000 евра – велат градските власти.
Тие го оценуваат како позитивен ефектот од мерката, со видливо намалување на ноќното фрлање отпад и зголемена свест кај граѓаните.
– Мерката и понатаму останува на сила и ќе продолжи да се спроведува, со континуирани контроли и со нулта толеранција кон загадувањето – децидни се од Град Скопје.
(А. П.)












