Расказите на Чехов во ново издание на „Матица македонска“

22

Книгоиздавателството „Матица македонска“ објави ново издание со расказите на големиот Антон Павлович Чехов, во превод на македонски јазик.

„Човек во футрола“, „Смртта на чиновникот“, „Мала шега“, „Ноќ спроти Велигден“, „Патник со прва класа“ и редица други антологиски раскази на најзнаменитиот претставник на рускиот натурализам, повторно се достапни за македонските читатели. И новите генерации имаат можност да прочитаат дел од расказите што влијаеле на развојот на светската книжевност, а со Чеховиот стил и со темите и мотивите, подеднакво се актуелни и во нашево време.

– Слично како и во драмите, Чехов во своите раскази и новели не носи големи настани ниту големи исклучителни ликови кои во општеството настапуваат гласно и со врева. Фабулите се многу едноставни, бидејќи Чехов настојува да предизвика впечаток, расположение, атмосфера; тој создава расположенија околу ликовите во кои тие целосно се објаснуваат. Поради тоа секогаш е содржаен, а обилно се служи со пејзажите и лирските дигресии. Затоа може да се каже дека и во расказите тој одгледува еден импресионистички стил. И покрај тоа што фабулите на неговите раскази се едноставни, со атмосферата што Чехов мајсторски ја плете околу нив, тие секогаш се интересни и примамливи за читателот. Во нив доаѓаат до израз суптилните односи меѓу ликовите, нивните размислувања, расположенија, таги и радости. Она што е карактеристично за расказите на Чехов, и според што тие се распознаваат како автентични „чеховски“ раскази, е секогаш присутната блага иронија и тагата, што како едно нераскинливо чувство, како аура, ги обвива сите нив, пишува меѓу другото Аполон Гилевски, во поговорот на изданието.

ИЗДВОЕНИ