Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, призна дека битката за шампионската титула во Формула 1 во моментов оди во корист на неговиот тимски колега Кими Антонели, откако младиот Италијанец славеше на Големата награда на Канада и стигна до четвртата победа во низа.

На патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал, 19-годишниот Антонели уште еднаш покажа зошто важи за најголемото откритие сезонава. Додека тој стигна до нов триумф, Расел беше принуден да се повлече поради дефект на моторот, иако до тој момент беше лидер во трката.

По крајот на трката, Британецот отворено призна дека шампионската трка сега е во рацете на неговиот тимски колега.

  • Се чини дека титулата сега е во рацете на Кими. Дадов сè од себе овој викенд. Имав пол-позиција во спринтот, победа во спринтот, пол-позиција и во главната трка, а водев и пред да се случи дефектот. Не мислам дека можев повеќе, изјави Расел.

Тој додаде дека серија несреќни околности го следат уште од стартот на сезоната и дека во моментов среќата, едноставно, не е на негова страна.

  • Сакам само фер битка и еднакви услови. Во моментов, работите не одат во моја корист, но ќе продолжам да се борам, порача британскиот возач.

Во меѓувреме, ФИА му изрече условна едногодишна казна од 5.000 евра поради непримерниот потег кога го фрли потпирачот за глава од болидот по дефектот.

Шампионатот продолжува на 7 јуни со легендарната трка за Големата награда на Монако, каде што Антонели ќе се обиде да го продолжи победничкиот налет.

 

ИЗДВОЕНИ