Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, се уште го нема продолжено договорот со германскиот тим, па се почесто се шпекулира околу евентуална разделба меѓу двете страни. Овој пат се јави и самиот Британец, кој истакна дека неговата соработка со Мерцедес зависи од евентуалното доведување на Макс Верстапен.
Своја изјава околу оваа тема даде и шефот на германскиот тим, Тото Волф, кој потврди дека е во преговори за доведување на четирикратниот светски шампион.
Расел и Верстапен се судрија на и надвор од патеката неколку пати минатата сезона, па се претпоставува дека Британецот би можел да го напушти тимот порано од 18-годишниот Кими Антонели доколку Холанѓанецот пристигне.
Сепак, на прес-конференција Расел изрази увереност дека ќе остане и се чини дека навести дека Мерцедес ќе го спарат со Верстапен.
- Секој тим има две места и нормално е секој да размислува што носи иднината, а јас не го сфаќам лично бидејќи од самиот почеток јасно ставив до знаење дека сум среќен што сум соиграч со сите. Секако дека има многу муабети, многу гласини и сè е насочено кон мене, но што се однесува до мене, тоа нема да биде случај. Сакам да продолжам со Мерцедес во иднина. Факт е дека Тото никогаш не ме разочарал. Тој секогаш ми даваше совети, но исто така мора да го направи она што е исправно за неговиот тим, кој ме вклучува мене, но ги вклучува и илјадниците луѓе кои работат за Мерцедес. Што се однесува до мене, нема за што да се грижам бидејќи не мислам дека одам никаде. И кој и да е мој тимски колега – тоа не е моја работа, рече Расел, а објави „Скај“.
Постојат шпекулации дека доколку го напушти Мерцедес, Расел би можел да се пресели во Ред Бул или Астон Мартин. На прашањето дали е уверен дека ќе добие позиција што одговара на неговите амбиции и статус, Расел одговори: „Да, доста сум уверен бидејќи мислам дека она што го покажав досега е сосема доволно“.
- Им кажав на сите тимови што ме контактираа во минатото: „Лојален сум на Мерцедес, таму лежи мојата иднина“. И на крајот на краиштата, Мерцедес ги има моите менаџери, па затоа мора да се реши преку Мерцедес пред сè. Да речеме дека немаше недостаток на интерес. Но, јас сум фокусиран на мојот тим, лојален сум на Мерцедес, порача Расел.