Откако весникот ВЕЧЕР пишуваше за барањето на жителите од улицата „Скупи 20“ во населбата Злокуќани итно да се отстрани насобраното ѓубре и кривично да се гонат сторителите, од Општина Карпош информираа дека со сопствена механизација веднаш излегле на терен, при што направиле пробивање и чистење на канализацијата.
–Екипа од Општина Карпош, во неколку наврати, ја чистеше дивата депонија на таа локација и вчера, општинските служби реализираа дополнително чистење на депонијата, а ќе ги преземат и сите други потребни интервенции и активности за отстранување на проблемот – велат од локалната самоуправа

Општина Карпош реагираше и ја расчисти дивата депонија која затна дел од канализациската мрежа на улицата „Скупи 20“ во населбата Злокуќани, откако весникот ВЕЧЕР пишуваше за барањето на жителите итно да се отстрани насобраното ѓубре и кривично да се гонат сторителите. Тие се пожалија дека поради затнувањето на одводната канализациска линија доаѓа до излевање на фекалиите и се создава бара на дваесетина метри од куќите на самата улица.
– Службите за одржување на јавната хигиена од Општина Карпош со сопствена механизација веднаш излегоа на терен, при што направија пробивање и чистење на канализацијата. Екипа од Општина Карпош, во неколку наврати, ја чистеше дивата депонија на таа локација и вчера, општинските служби реализираа дополнително чистење на депонијата, а ќе ги преземат и сите други потребни интервенции и активности за отстранување на проблемот – велат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека инспекциските служби на Општина Карпош се запознати со депонијата што се создава на улицата „Скупи 20“ и оти комунален инспектор и инспектор за животна средина со години наназад го следеле овој дел од Општината преку дежурства и редовни инспекциски надзори, зашто, како што нагласуваат, бил една од критичните точки во Урбаната заедница „Злокуќани“.
– Во изминатиот период се изречени казни на физички лица и опомени на правни лица за кои има индиции дека би можеле несоодветно да одлагаат отпад. Најчесто станува збор за малолетни сторители или за лица кои немаат лични карти, заради што не сме во можност целосно да постапиме во водење на инспекциската постапка. Инспекциските служби постапуваат доколку ги фатат сторителите на самото место и во тој случај постапуваат, но во спротивност, не е можно да се води постапка за непознат сторител – образложуваат од Општина Карпош.
Притоа, напоменуваат дека службите за чистење на Општина Карпош го чистат овој дел од УЗ „Злокуќани“ заради специфичноста на локацијата, а во неколку наврати тоа се правело и заедно, во соработка со службите на Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, и тоа со задолжителна координација со Полициска Станица – Карпош.
Воедно, додаваат дека ќе продолжат со зачестени контроли во овој дел на општина Карпош.
(А. П.)












