РАСЧИСТЕНА ДИПЛЕМА: Уставните судии дадоа амин за бројот на советниците по општините

66

Не се поведува постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката на Владата со која во септември минатата година е утврден новиот број на советниците во општините во земјава. Ова денеска го одлучија уставните судии по расправата за иницијативата од страна на пратеникот Скендер Реџепи, како и од неговите собраниски колеги Блерим Беџети и Сали Мурат.

Според одлуката, врз основа на утврденото резидентно население со пописот во 2021 година, Владата реши во вкупно 14 општини, на претстојните локални избори, да се изберат помал број општински советници. Намалување на бројот на советници ќе има во: Гостивар – од 31 на 23, Кичево – од 23 на 19, Струга – од 27 на 23, Кратово – од 15 на 11, Крива Паланка – од 19 на 15, Куманово – од 33 на 31, Пехчево – од 11 на 9. Само три општини ќе добијат повеќе советници.

Подносителите на иницијативата наведоа дека оспорената одлука создава правна несигурност бидејќи Владата без законско овластување ја донела Одлуката со која е утврден бројот на членовите на советите во општините.

– Владата нема законско овластување за вакви одлуки и бројот на членовите што е определен со оспорената Одлука е различен од начинот предвиден во членот 34 од Законот за локална самоуправа. Се наведува дека Одлуката не содржи податоци врз основа на кои е определен бројот на членовите на советите, што ја прави нејасна и спротивна на член 9 алинеја 3 од Уставот – наведе во својата иницијатива пратеникот Скендер Реџепи.

Беџети и Мутар тврдеа дека член 36 став 3 од Законот за Владата овозможува да се донесат одлуки за да се спроведат законите, но не и да се носат одлуки кои се базирани на правно спорни или укинати методологии.

– Со одлуката У. бр. 251/2025 Судот укина делови од Методологијата за спроведување на пописот во 2021 година. Фактот со кој Уставниот суд ги укинал спорните делови од Методологијата е од фундаментално значење за правна оценка на сега оспорената Одлука на Владата бидејќи таа е основана на укинатите методолошки основи, односно на податоците од категоријата „резидентно  население” според Пописот од 2021 година – образложија тие. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ