Општина Кисела Вода првпат досега ќе добие плоштад. Неговата локација е во срцето на населбата Расадник и, како што вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, тој ќе ја разубави Општината и ќе внесе свежа енергија во секојдневието.
Местото веќе се обликува. Плоштадот ќе биде на површина од 4.000 квадратни метри, а просторот околу ќе биде уреден со парковско зеленило. Ќе има и современо детско игралиште, фонтана, урбана опрема и современо осветлување.
– Со новиот плоштад, жителите на Расадник и пошироко добиваат ново катче за дружење, рекреација и за одмор, во непосредна близина на спортската сала „Расадник“, која, исто така, се реновира од темел. Ова е уште еден чекор повеќе кон поквалитетно секојдневие, повеќе простор за семејни активности и подобрен урбан изглед на нашата населба – истакна Ѓорѓиевски.
Средствата за овој значаен проект се обезбедени преку повикот за капитални инвестиции од Владата.