Со одлична динамика се одвива изградбата на уште еден капитален објект за најмладите жители на општина Кисела Вода. Станува збор за новата градинка во Расадник која ќе се простира на површина од 800 квадратни метри и ќе има капацитет за згрижување на 120 деца. Објектот ќе располага со вкупно шест занимални, од кои две се наменети за јасли. Со оваа инвестиција, општината продолжува со исполнување на целта за целосно затворање на листите на чекање за прием во детските градинки.
-На почетокот на мандатот на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, бројката на дечиња кои чекаа место во градинка беше над 400. Сега, со изградбата и отворањето на нови објекти во населбите 11 Октомври, Потстаница и оваа во Расадник, Кисела Вода не само што обезбедува место за сите деца од општината, туку отвора можност да прими и деца од соседни општини – велат од локалната самоуправа.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека ова не е само инвестиција во инфраструктурата, туку е и инвестиција во иднината.
-Обезбедуваме квалитетни услови за секое дете, но и големо олеснување за секој родител. Го исполнуваме ветувањето што го дадовме пред граѓаните – дека децата ќе бидат наш приоритет број еден – изјави Ѓорѓиевски.