Вработените во продавница за алкохол во Вирџинија беа шокирани кога во саботата дојдоа на работа и пронајдоа пијан ракун, кој провалил во неа.
„Маскираниот бандит“ бил пронајден онесвестен во тоалетот помеѓу веце школката и кантата за отпадоци, откако се напил алкохол од долната полица во продавницата.
Службеничката за контрола на животни Саманта Мартин, како што јави Би-би-си, го „однела осомничениот на испрашување“ во Засолништето за заштита на животните во округот Хановер, од каде не го пуштиле пред да се отрезни.
По неколку часа сон и никакви знаци на повреда (освен можеби мамурлак), животното било безбедно вратено во дивина.
Продавницата ASHLAND ABC била затворена за Денот на благодарноста, а ракунот провалил во неа на Црн петок.
Кога вработените пристигнле во саботата, пронашле скршени шишиња и алкохол што се собрал на подот, вклучувајќи го и омилениот пијалак на ракунот, шкотско виски.
Службеничката Мартин рече дека животното паднало низ една од таванските плочи пред да „направи целосно дивеење, пиејќи сè“.
Постои само една заматена снимка на провалата од безбедносните камери, па затоа не е познато колку алкохол консумирало жедното суштество пред да се онесвести во бањата.
Во објава на социјалните мрежи, продавницата им се заблагодари на службата за заштита на животните и на засолништето на округот Хановер за нивната професионалност и обезбедувањето „трезвен превоз дома“ на посетителот.
Мартин рече дека ова е „само уште еден ден во животот на службеник за контрола на животни“.












