– Романот „Кривата Дијана“, со поднаслов „Роман за верижната вина“ од писателката Фросина Пармаковска, е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското – се вели во образложението за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2025
Ракописот со наслов „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година.
– Романот „Кривата Дијана“, со поднаслов „Роман за верижната вина“ од писателката Фросина Пармаковска, е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското. Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кого уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, кој го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањето, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ претставена преку персонифицираниот „систем“ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак, тоа не ја компромитира книжевната вредност на романот, напротив, од него прави книжевна тема – се вели во образложението на жири-комисијата, во состав Соња Стојменска-Елзесер (професорка и писателка), Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“).
Според жирито, романот „Кривата Дијана“ отскокнал од сите конкурентски ракописи и затоа едногласно одлучиле да му ја доделат наградата „Пегаз“ за 2025 година.
Инаку, на седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, која ја доделува издавачката куќа „Арс ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнале 45 ракописи. Во најтесниот избор биле разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
Во образложението се вели и дека по прочистувањето и по темелното читање на ракописите што ги пресретнале условите за учество на конкурсот, жири-комисијата утврдила жанровска и тематска разновидност, при што најдоминантни биле романите од жанрот криминалистички и детективски роман, потоа научнофантастичните романи, но и исповедната, интимистичка проза, историските романи и сл.
– Исто така, жирито посебно го прокоментира и го издвои впечатливото присуство на т.н. женско писмо, на силна женска нарација, која во незавиена форма, експресивно зборува за женската сексуалност во зрелите години, за партнерските премрежиња, за самостојноста и за соочувањето со траумата. По ваквиот пресек, жирито заклучи дека на структурно и на тематско рамниште преовладуваат современи, постмодернистички книжевни постапки, во духот на динамичното и дигиталното совремие и на светските трендови, при што со својата филмичност и тензичност книжевноста се допира со филмската уметност – се додава во образложението.
Фросина Пармаковска (Скопје, 1985) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и во македонскиот роман“. Член е на ДПМ од февруари 2018 година. Имала многубројни претставувања на домашни и на меѓународни настани. Таа е авторка на следниве романи: „Сè уште можам нешто да сторам“, роман („Или-или“, 2023); „На враќање“, роман („Или-или“, 2020); „Одбројување“, роман („Или-или“, 2017); „Вишнова хроника“, роман („Или-или“, 2014); „Пишувајќи ги изгубените топки“, роман („Култура“, 2013). Нејзините романи се преведени на неколку јазици. Досега е добитничка на наградите: „Роман на годината“ за романот „Одбројување“ (2017); во 2018 ја доби наградата за најуспешен автор меѓу два саема на книгата, доделена од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), како и на „Рациново признание“ за романот „Сè уште можам нешто да сторам“ во 2024 година.
Во меѓувреме, отворен е и осмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2026 година. Можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да бидат доставени од самите автори, на електронската пошта [email protected], како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2026 година.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024).