Ракија од домати и од глуварче меѓу мострите за оценување на „Тиквешка ракијада 2025 во Кавадарци

65

На „Тиквешка ракијада 2025“, која се реализираше вчера во Кавадарци, беа доделени наградите за најдобрите мали производители на меѓународно ниво. Меѓу мострите имало ракија од домати и од глуварче за дегустација и оценување во рамките на „Тиквешка ракијада“, меѓународна манифестација што се организираше по трет пат во градот на грозјето и на производите од грозје, Кавадарци, во организација на здружението „Ж’та – македонски ракијари“.

Дегустирањето и оценувањето беа од страна на стручна меѓународна комисија, а меѓу пристигнатите мостри имало и ракии од смоква, цреша, вишна, слива, кајсија, праска и од друго овошје.

– Ни пристигнаа рекордни 230 примероци од земјава и од Полска, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Унгарија. Освен традиционалните бела и жолта ракија од грозје, млади и одлежани, на натпреварот за најдобри ракии во повеќе категории, меѓу другото, добивме и разни видови мастика и узо, ракии од круша. Тука се и ликерите од орев, праска, диња, вишна, дуња, малина – појасни Панче Арсовски, претседател на Здружението.

Во категоријата на други специјални ракии, биле доставени мостри на ракија од домати, смрекови врвови, глуварче, траварица, сува смоква, пелинковец, медова ракија.

Она што ги изненадило организаторите и жири-комисијата бил фактот што на натпреварот пристигнала и словенечка мостра, светлозелена ракија од коноп или канабис. Тие се потсетија дека минатата година, исто така, имале несекојдневен примерок, хрватски ликер од јајца од потполошка, кој годинава добил високи оценки на престижен фестивал во странство. 

Доделувањето на наградите на најдобрите ракијари, мали производители на ракија, беше во амбиентот на Винскиот музеј, во градскиот парк во Кавадарци. Настанот е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Општина Кавадарци.

 

ИЗДВОЕНИ