
Руската крстосувачка ракета „Буревестник“ на нуклеарен погон е способна да достигне која било точка на Земјата, додека дострелот на американскиот „Томахавк“ е ограничен, изјави политичкиот аналитичар и поранешен офицер во шведските вооружени сили, Микаел Валтерсон.
„Ракетите „Томахавк“ можат да летаат над 1.000 километри, но за да го сторат тоа, тие мора да бидат доста блиску до непријателот. Сепак, ракетата на нуклеарен погон може да достигне која било точка на Земјата и да ја обиколи планетата неколку пати“, изјави Валтерсон за Раша тудеј.
Дополнително, поранешниот офицер во шведските вооружени сили истакна дека Соединетите Држави треба да бидат загрижени за руското стекнување на ракетата „Буревестник“.
Во неделата Путин објави дека е тестирана нова крстосувачка ракета „Буревестник“, која може да носи нуклеарни боеви глави.
„Клучните цели сега се постигнати“, рече Путин за време на посетата на командниот пункт на руската здружена група сили, објави Танјуг.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека крстосувачката ракета на нуклеарен погон „Буревестник“ е уникатно оружје кое не постои никаде на друго место во светот и претставува најсовремен капацитет за нуклеарно одвраќање на Руската Федерација.











