Рака горе за бришење на идентитет, глава долу за европските вредности!

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остро реагираа на предложениот амандман во Европскиот парламент, со кој се бришат македонскиот јазик и македонскиот идентитет од документот, иако „поминаа“ на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Премиерот Мицкоски изјави дека е жално и недозволиво во 21 век, на „талибански начин“, да се оспоруваат темелни идентитетски обележја на еден народ. Со сличен тон, и претседателката Сиљановска-Давкова предупреди на сериозен демократски дефицит во ЕУ и ЕП

4661

Во пресрет на расправата во Европскиот парламент доцна попладнево и гласањето за Извештајот за напредокот на земјава закажано за утре, македонскиот премиер Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остро реагираа на предложениот амандман во Европскиот парламент, со кој се бришат македонскиот јазик и македонскиот идентитет од документот, иако „поминаа“ на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Премиерот Мицкоски изјави дека е жално и недозволиво во 21 век, на „талибански начин“, да се оспоруваат темелни идентитетски обележја на еден народ и што има такви европратеници кои го оспоруваат идентитетот на еден малуброен народ во Европа и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, кој треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права. Мицкоски ја обвини поранешната Влада, предводена од Ковачевски, Маричиќ и Бујар Османи, за, како што рече, “авантуристичка политика од 2022 година”, која сега ги покажува последиците. Мицкоски рече дека амандманот за бришење на македонски јазик и македонски идентитет нема да го поддржат голем број пратеници од ЕП, исто како и известувачите во сенка.

-Голем број пратеници кои се членови на Европскиот парламент се јавуваат и кажуваат дека нема да гласаат за тој амандман, кој ќе го поднесе некој, којшто има за цел на талибански начин да се избрише од Извештајот што е на маса и за првпат од осмостојувањето на нашата земја опфаќа македонски идентитет и македонски јазик, кои досега никогаш во изманинатите 35 години не се појавиле во некој извештај. Исто така, и оние кои се известувачи во сенка не верувам дека ќе го поддржат тој амандман, рече Мицкоски во одговор на прашање за очекувањата од гласањето за Извештајот.

Со сличен тон, и претседателката Сиљановска-Давкова предупреди на сериозен демократски дефицит во ЕУ и ЕП.

– Не сум шокирана, иако сум длабоко разочарана тоа го кажав, особено од природата на некои амандмани, па и од дискусиите. Не сум шокирана бидејќи во Европскиот парламент седат и претставници на партии што се против самата ЕУ. Инаку, пријатно бев изненадена од извештајот на господинот Вајц, тој важи за почитуван пратеник кој ги познава добро балканските прилики, бидејќи истото ова што ни се случува нам, можеше и Австрија да го прави кон Словенија бидејќи и во словенечкиот устав ги нема Австријците, Хрватите, Бошњаците, Ромите… Но природата на амандманите покажа дека навистина, не само светот, туку и Европа и ЕУ имаат сериозен проблем со демократијата, рече претседателката.

Сиљановска-Давкова се осврна и на бугарскиот одговор до Советот на Европа, во кој Софија тврди дека Македонците во Бугарија се премалку бројни за да бидат признаени како национално малцинство.

-Еве јас ги упатувам меѓународните субјекти да се вратат назад во пописите во Бугарија, бидејќи некои феноменални промени никогаш не се случуваат никаде. Па, да го видат и пописот од ’56, и пописот од ’46, ама интересно е што пишува во дописот на владата. Значи дека овие лица кои се претставуваат како Македонци, се мала група, и не ги исполнуваат објективните критериуми за статус на национално малцинство. Може да заклучиме нешто? За која категорија ние треба да го смениме Уставот? За колкав број? Еве јас прашувам, рече Сиљановска-Давкова.

Во однос на изјавата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, според кого, се потребни реформи внатре во ЕУ, Сиљановкса-Давкова рече дека неговата изјава не е случајна и дека има врска и со феноменот вето, и со опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата во време кога проширувањето на ЕУ е прашање на стабилност и безбедност.

Во Предлог-извештајот на известувачот Томас Вајц, Европскиот парламент ја повторува својата целосна поддршка на континуираната и доследна посветеност на Македонија за приклучување кон ЕУ, но се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, земјава „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“, како и дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“.

Во документот се нотираат средствата што ги добива земјата од одделни членки на ЕУ и добрата соработка со нив, но сепак се „предупредува на зајакнување на сојузите со нелибералните режими“.

Европратеници од Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите и Либералите поднесоа заеднички амандман на членот 3, со кој се предлага целосно бришење на делот од текстот каде се вели дека „ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“. За разлика од нив, Вајц предлага останување на точката Л и додавање на нова точка Л-а која би гласела: „со оглед на тоа што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“.

Во документот се потсетува и дека процесот на пристапување не треба да се користи за решавање на билатерални спорови, да се попречува напредокот на европскиот пат заснован на заслуги или да се потиснуваат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку таквите спорови мора да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка.

Во извештајот се нагласува дека земјава како партнер усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во огромното мнозинство случаи одигра конструктивна улога во регионот, но дека воздржување од поддршка на Резолуцијата ЕС-11/7 на Генералното собрание на ОН од 24 февруари 2025 година за Украина и коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД „укажува на неочекуван и жален пресврт во нејзиното усогласување на надворешната политика“.

Се изразува и загриженост затоа што „некои претставници на Владата“ го застапуваат и промовираат т.н. проект „српски свет“ и се осудува „учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“.

На Предлог-извештајот се поднесени вкупно 28 амандмани, меѓу кои се и оние на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од редовите на групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), кој предлага три амандмани со кои се предвидува вметнување на зборот „современ“ пред „македонски јазик и идентитет“, вметнување на протоколите од Договорот за добрососедство во извештајот, за „изнаоѓање заедничка наратив за заедничката историја“ и за „заштита на припадниците на бугарското малцинство во земјава.

Грчки европратеници, пак, бараат вметнување на содржини за почитување на „суверенитетот, уставниот идентитет и културното наследство на постојните земји членки“ на ЕУ, запирање на „говорот на омраза кон земјите членки кои се нејзини соседи, особено Грција и Бугарија“ и осуда на „службената злоупотреба на името „Македонија“ од страна на владини претставници“ на земјава, потоа замена на „македонска“ или „македонски“ со „на Северна Македонија“ и „национално наследство“ со „државно наследство“, како и покрај Коридорот 8, наведување и на Коридорот 10 во делот за транспортната поврзаност.

Гласањето за извештајот за напредокот на земјава и контроверзниот амандман е закажано за утре. Македонската јавност и институциите ќе го следат исходот со големо внимание, додека властите во змејава и познавачите испраќаат порака дека македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат предмет на политички пазар. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ