среда, февруари 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Радовишанка обвинета за лажно пријавување бомба во основно училиште

Радовишанка обвинета за лажно пријавување бомба во основно училиште

40

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи по поднесената кривична пријава од МВР и врз основа на сите обезбедени докази поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Лажно пријавување на кривично дело по член 366 став 4 во врска со став 3 од Кривичниот законик, за лажно пријавување бомба во основно училиште во Радовиш.

-Осомничената 40-годишна радовишанка, на 29 октомври од Скопје пријавила дека е поставена бомба во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш. Од нејзината електронска пошта, преку мобилниот телефон, испратила порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на училиштето, иако знаела дека не е поставена експлозивна направа во училиштето, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Со поднесеното обвинение, јавниот обвинител до Судот достави и предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на престојувалиштето, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на определени активности кои се поврзани со кривичното дело, односно – забрана за испраќање на пораки со заканувачка содржина.

Како што информираат од МВР, вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал- Единица за истраги за тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во содејство со Секторот за компјутерски криминал до Основно јавно обвинителство Скопје ја лишил од слобода и поднел кривична пријава против В.Ј. (40) од Радовиш, со престојувалиште во Скопје, за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело” по чл. 366 од КЗ.

-Таа делото го сторила така што преку провајдерот „гугл“ на 29.10.2025 во 06:41 часот од претходно креирана меил адреса и користејќи го нејзиниот мобилен телефонски апарат, на службената е-маил адреса на основно училиште во Радовиш, испратила заканувачка содржина, во која меѓу другото стоело и дека е поставена бомба во училиштето. Притоа, преземени се соодветни мерки и активности во насока на утврдување на потеклото на IP адресите и утврден е сторителот на кривичното дело. Исто така, извршена е и антитерористичка проверка во училиштето, при што е утврдено дека не се пронајдени експлозивни средства и направи, се вели во соопштението од МВР.

ИЗДВОЕНИ