Астрономите објавија дека е откриена нова комета, означена како C/2025 R2 (SWAN), која може да биде видлива со голо око во текот на октомври.
Кометата е забележана со помош на инструментот SWAN на сателитот SOHO, а откритието го потврди украинскиот аматерски астроном Владимир Безугли по анализата на сликите од септември, објави „Спејс“.
Моментално е најдобро видлива од јужната хемисфера, кон западното небо по зајдисонцето. На северната хемисфера, условите се полоши поради подолгиот самрак, но постои и можност за набљудување, особено преку двоглед или телескоп.
Астрономите истакнуваат дека кометата може да ја зголеми својата светлина и да достигне магнитуда +4, што значи дека би било можно да се види без оптички помагала на места со помало светлосно загадување.
Најблиското приближување до Земјата се очекува на 20 октомври, на растојание од околу 39 милиони километри. Според пресметките, орбиталниот период на кометата е повеќе од 22.000 години, што значи дека таа нема да се врати во близина на нашата планета уште неколку десетици милениуми.
Научниците додаваат дека постои и можност Земјата да наиде на облак од честички што ги оставила кометата, што би можело да предизвика мал метеорски дожд во првите денови од октомври.