Ќе се градат два модерни моста во населбата Радишани. Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, најави дека првиот мост ќе почне да се гради за неколку дена и ќе биде кај местото Морски, додека изградбата на вториот мост ќе започне за 20 дена и ќе се наоѓа на последната автобуска станица на линијата „57а“.
Градоначалникот истакна дека постојниот мост е изграден со импровизиран конструктивен систем, од челична конструкција без адекватна заштита и е со сериозно оштетување.
Тој ќе биде заменет со греден армиранобетонски мост преку едно поле.
– Распонот што се совладува е 12,5 метри. Интегрирањето на распонската конструкција се врши со изведба на монолитна рамна АБ-плоча над носачите со константна дебелина од 20 сантиметри. Потпирањето на конструкцијата се врши преку крајни столбови. На мостот ќе биде вградена челична пешачка ограда. Ширината на мостот од 4,9 метри ќе овозможи да се одвива сообраќајот во двете насоки истовремено – нагласи Костовски.
Вредноста на двата моста ќе биде 24 милиони денари.