Облакот од прашина над Битола, иако е радиоактивен, не е опасен за околината и за животот на луѓето, освен за работниците што ја транспортираат пепелта од РЕК „Битола“ до депонијата, а во прилично помала мерка и за работниците во рудникот и во термоцентралата. Ова го тврди универзитетскиот професор од битолскиот Технички факултет, Дејан Трајковски, кој во својата анализа предупредува дека работниците во термоцентралата, а понекогаш и околината, може да бидат изложени на микродози од полониум, преку прашината и аеросолите. Тој препорачува работниците што непосредно работат со пепелта, задолжително да се штитат од вдишување алфа- честици со помош на маски КН-95
Облакот од прашина над Битола, иако е радиоактивен, не е опасен за околината и за животот на луѓето, освен за работниците што ја транспортираат пепелта од РЕК „Битола“ до депонијата, а во прилично помала мерка и за работниците во рудникот и во термоцентралата. Ова го тврди универзитетскиот професор од битолскиот Технички факултет, Дејан Трајковски, кој во својата анализа потенцира дека јагленот/лигнитот што се користи како гориво за термоелектраните содржи природни радионуклеиди како ураниум, ториум, радиум, радон, олово и полониум.
– При неговото согорување во термоелектраните, полониумот и оловото може да се ослободат во пепелта и гасовите. Тоа е една од причините зошто индустријата на јаглен има зголемен радијациски отпечаток, иако не користи вештачка радијација – вели Трајковски.
Во својата анализа, тој предупредува дека работниците во тие централи, а понекогаш и околината, може да бидат изложени на микродози од полониум, преку прашината и аеросолите.
– Полониумот претставува чист алфа-емитер, поради што претставува опасност ако се вдише во белите дробови и се натрупа таму во позначителни количества. Расејувањето на честичките зависи, покрај од брзината на ветерот и влажноста на воздухот, и од големината на самите честички. Полониумот, кој има голема густина, се наоѓа во тешките честички прашина, што значи дека тие имаат тенденција да паднат на земја или да се залепат на површините побрзо отколку што може да останат во воздухот. Честичките што се премногу мали ќе останат долго време во воздухот, но тие обично не се извор на алфа-зрачење, бидејќи обично се одредени изотопи на радон – објаснува професорот Трајковски.
Според него, порадиоактивните изотопи на оловото и полониумот измешани со другите минерали од пепелта може да поминат извесно растојание, носени од ветрот. Трајковски посочува дека опасноста од пепелта што содржи полониум ќе биде најголема блиску до депонијата, особено ако ветерот ја разнесува пепелта на кратки растојанија. На поголеми растојанија, концентрацијата на радиоактивните честички ќе опаѓа и ризикот ќе се намалува.
– За да има значителен здравствен ризик, потребно е вдишување поголеми количини прашина што содржи полониум во близина на депонијата, а на поголеми растојанија, само ако има постојано влијание на силни ветрови, кои ја разнесуваат пепелта – потенцира Трајковски.
Професорот објаснува дека дозата што предизвикува здравствени проблеми изнесува 5 милисиверти или повеќе на годишно ниво и се смета за праг на дозата на која почнува да се зголемува ризикот од развој на рак и други здравствени проблеми, особено ако изложеноста е хронична.
– Доза од 50 милисиверти или повеќе во краток временски период (на пример, како резултат на несреќа или инцидент) може да предизвика видливи здравствени ефекти, вклучувајќи и радијациски болести, па дури и смрт, зависно од дозата. Но, за да се внесат 50 милисиверти, односно 50.000 микросиверти годишно, би требало во текот на сите 8.760 часа во текот на една година да внесуваме по 5,7 микросиверти на час, што е доза за 24 пати повисока од природниот радијациски фон. Освен за работниците во самата депонија, а во прилично помала мерка и за работниците во рудникот и во термоцентралата, за обичните граѓани далеку од депонијата ова изгледа како занемарлива веројатност – нагласува Трајковски.
Мерењата на пепелта што Трајковски сам ги направил лани во ноември покажале дека нема радијација над дозволените граници, но повика да се направат дополнителни испитувања на алфа-честички, кои може да бидат опасни доколку се вдишат во позначително количество во белите дробови.
– Инструментот со кој ги извршив мерењата на депонијата не мери добро алфа-радијација, но е доволно чувствителен на бета-радијација. Бидејќи видовме дека сите нуклеарни распади ослободуваат алфа и бета-зрачење, доколку нема значително бета-зрачење, би било логично и очекувано да нема доволно материјал (изотопи) ни за алфа-распади. Останува само можноста полониумот да бил формиран претходно, уште под земја. Крајниот збор ќе го каже прецизното мерење на алфа-радијацијата на пепелта на самата депонија, а доколку е можно, и во градот, и тоа 365 дена во годината за да ја процениме годишната еквивалентна доза на радијација што ја примаме. Во меѓувреме, останува препораката работниците што непосредно работат со пепелта, задолжително да се штитат од вдишување алфа- честици со помош на маски КН-95 – дециден е Трајковски.
(С. Бл.)