сабота, февруари 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА РАДИКАЛНА ЌЕЛИЈА ВО СКОПЈЕ: Тројца уапсени за терористичко здружување, оружје и одмазда...

РАДИКАЛНА ЌЕЛИЈА ВО СКОПЈЕ: Тројца уапсени за терористичко здружување, оружје и одмазда за осудени членови на ИСИС

423

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе истражна постапка против три лица од Скопје, осомничени за злосторничко здружување и нелегално поседување и трговија со оружје, по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам.

Според обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените дејствувале како организирана група со заедничка идеолошка определба заснована на радикални исламистички наративи. Истражните органи утврдиле дека групата се формирала со цел одмазда за нивни блиски роднини – браќа кои во текот на минатата година беа обвинети и правосилно осудени за кривичното дело „терористичка организација“.

Во рамки на предистражната постапка се прибрани докази дека осомничените координирано собирале парични средства од земјава и од странство, кои, според сомневањата, биле наменети за пропаганда и активности поврзани со т.н. Исламска држава, како и за набавка на оружје.

По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вчера беа извршени претреси на домови и други простории на повеќе локации во главниот град. При акцијата биле пронајдени и одземени парчиња огнено оружје, електронски уреди и други материјални докази значајни за истрагата.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка им определи притвор од 30 дена на тројцата осомничени, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

ИЗДВОЕНИ