| Политички земјотрес во Бугарија |
Бугарскиот претседател Румен Радев во понеделникот објави дека поднесува оставка од функцијата шеф на државата, сигнализирајќи започнување на нов политички проект само два месеци пред следните предвремени парламентарни избори во земјата зафатена од тековната политичка криза.
„Нашата демократија не може да преживее ако ја оставиме во рацете на корумпирани личности и екстремисти“, рече претседателот, додавајќи дека формално ќе ја поднесе својата оставка во вторник.
Радев е претседател на Бугарија девет години. Шпекулациите дека ќе влезе во парламентарната трка и ќе се кандидира за премиерската функција постојат веќе некое време и беа потврдени во понеделникот.
Бугарија е парламентарна република, а нејзиното управување е во рацете на парламентот, советот на министри и премиерот.
– Прашањата овде се: зошто постигнувањето на овие цели не донесе стабилност и задоволство; зошто Бугарите престанаа да гласаат; зошто не се потпираат на правосудниот систем и не им веруваат на медиумите; зошто граѓаните двапати ги преплавија плоштадите; зошто, во европска Бугарија, голем процент од луѓето се чувствуваат сиромашни, а уште повеќе живеат во несигурност – праша Радев.
Тој го обвини моделот на управување „кој има надворешни карактеристики на демократија, но функционира преку механизмите на олигархијата“.
За време на неговиот мандат како претседател, Радев мораше да назначи седум привремени влади поради долгогодишната политичка криза и неможноста на партиите да формираат стабилно мнозинство.
Пред само неколку недели, земјата беше потресена од најголемите протести од 1990-тите, првично предизвикани од противењето на нацрт-буџетот, но подоцна ескалираа во барања за оставки – повлекување од политиката на клучни политички личности како што се поранешниот премиер Бојко Борисов и Делјан Пеевски, наведува „Еуроњуз“.
Појавата на нова политичка партија предводена од поранешниот претседател Румен Радев би можела значително да ги преобликува не само внатрешните работи на Бугарија, туку и нејзината надворешна политика. Ставот на Радев за војната во Украина остро се разликува од оној на претходните влади. Поради оваа причина, аналитичарите и противниците честопати го нарекуваат „проруски“.
Во својот говор во понеделник, Радев се осврна и на ова прашање.
„Во име на нивната политичка иднина, некои политичари го ставаат во опасност мирниот живот на Бугарите во услови на опасна војна близу до нашите граници, па дури и се борат против граѓанскиот и етничкиот мир, кој вие и јас ќе го зачуваме и покрај нивните провокации“, наведе Радев.
Недели пред Бугарија да го усвои еврото (на 1 јануари 2026 година), Радев повика на референдум за усвојување на единствената европска валута, но парламентот го отфрли.
– Конечниот раскол меѓу Бугарите и политичката класа дојде со одбивањето на Народното собрание да одржи референдум за датумот на воведување на единствената европска валута. Народните претставници му го одзедоа на народот правото на избор – рече Радев.
Предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат напролет и ќе бидат осми избори од 2021 година. Улогата на претседател ќе ја преземе потпретседателката Илијана Јотова.












