EPA/MIGUEL A. LOPES
Култниот жолт трамвај „Глорија“ во Лисабон излета од шините, загинаа најмалку 17 лица, а 21 се повредени

 

Сцени на незамислива трагедија се одвиваа во Лисабон во средата попладне, кога историскиот трамвај „Елевадор да Глорија“ излета од шините на централниот рид во португалската престолнина, при што загинаа најмалку 17 лица, а 21 други се повредени. Меѓу повредените, покрај португалски државјани, има двајца Германци, двајца Шпанци и по еден државјанин на Франција, Италија, Швајцарија, Канада, Мароко, Јужна Кореја и Република Зелен ’Рт. Властите не ги идентификуваа жртвите ниту ја открија нивната националност, но рекоа дека меѓу загинатите има неколку странски државјани.

Несреќата се случила кратко по 18 часот, за време на шпицот за трамвајот, кој е популарна туристичка атракција во Лисабон. Според извештајот од Националниот институт за медицински итни случаи на Португалија, петмина од повредените се во сериозна состојба, вклучувајќи и едно дете.

Карактеристичниот жолто-бел трамвај се искачува и се спушта по стрмниот рид, поврзувајќи го плоштадот „Рестаурадорес“ со ноќниот живот во областа Баиро Алто. Трамвајот се превртел во тесна улица на патот. Според сведоците, трамвајот во моментот на несреќата неконтролирано се спуштал и силно удрил во зграда на кривина на патот.

„Удри во зградата со ужасна сила и се распадна како картонска кутија…“, очевидецот Тереза д’Аво ја опиша сцената за португалската мрежа СИЦ (SIC). Таа рече дека возилото изгледало како да се движи без сопирачки.

Мануел Леал, претседател на синдикатот „Фектранс“, изјави за локалната телевизија дека работниците на трамвајот „Глорија“, еден од симболите на градот, се пожалиле на проблеми со затегнатоста на сајлите на возилото, што го отежнува сопирањето, но прерано е да се каже дали е тоа причината за несреќата.

Јавната транспортна компанија на градот, „Карис“, соопшти дека се спроведени „сите протоколи за одржување“, вклучувајќи месечно и неделно одржување и дневни проверки. Градската влада во Лисабон го суспендираше работењето на другите трамваи во градот и нареди итни проверки. Португалија го прогласи вчерашниот за ден на национална жалост.

„Ова е трагедија каква што никогаш порано не сме виделе“, рече градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, додека португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза изрази сочувство до семејствата на жртвите.

Властите започнаа истрага за причината за несреќата, која се смета за најлоша во модерната историја на португалската престолнина.

Отворен во 1885 година и национален споменик, трамвајот „Глорија“ може да превезе повеќе од 40 патници и е неразделен дел од имиџот на Лисабон. Само минатата година, градот пречека околу 8,5 милиони туристи, а историскиот трамвај привлекува многу посетители секој ден. Култниот трамвај-лифт почнал да се напојува со електрична енергија во 1915 година и е една од трите линеарни превозни средства управувани од градската компанија за јавен превоз, „Карис“.

Системот „Глорија“ се состои од два трамваи кои возат паралелно и се влечат од челични кабли: како што едниот се спушта, неговата тежина го влече другиот нагоре. Сведоците им кажале на локалните медиуми дека виделе еден од трамваите како се спушта по ридот пред да удри во зграда на кривината.

Знамињата на Европската Унија беа спуштени на половина копје во Брисел во четвртокот, во чест на загинатите во несреќата. Лидерите на ЕУ, меѓу кои претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, во објави на социјалните мрежи изразија жалење и сочувство за жртвите во несреќата на популарниот трамвај „Глорија“ во Лисабон.

ИЗДВОЕНИ