Македонскиот работник има една од најниските саатници во Европа, која изнесува 140 денари, односно 2,5 евра, што е далеку зад европскиот просек, кој изнесува 25 евра. Синдикатите посочуваат дека македонските работници не само што се на дното во Европа според висината на саатницата туку сè уште немаат редовни плати и се борат за исплата на прекувремените работни часови. Од друга страна, пак, работодавците велат дека саатницата во Македонија е ниска затоа што не се продуктивни работниците и дека голем дел од нив наместо осум часа, работат само два-три часа
Саатницата во Македонија е една од најниските во Европа и изнесува околу 2,5 евра, односно околу 140 денари, што е значително помалку од просекот на ЕУ, кој изнесува 25 евра. Највисока дневница во Европа има Луксембург, која изнесува 55 евра, додека во Германија, со последното зголемување саатницата, се зголеми на 13 евра. Поради фактот што Македонија е меѓу земјите со најниска саатница во Европа, заедно со Бугарија и со Албанија, работодавците не ја земаат предвид при пресметката на платите и се фокусираат на месечната плата. Економските експерти посочуваат дека ниската саатница во Македонија се должи на ниската продуктивност, ограничената индустриска модернизација и на слабиот пристап до поголеми пазари.
Од Сојузот на синдикати на Македонија посочуваат дека додека се бориме работниците редовно да земаат плата, Европа ја зголемува саатницата.
– Нашиот работник сè уште нема редовна плата, а, освен за зголемување на минималната плата, ние сè уште се бориме за исплата на прекувремените работни часови. Работниците во АД „Македонска пошта“, вработените во многу училишта… сè уште не ја зеле декемвриската плата. Во Европа, каде што платата се пресметува на час, а се зема неделно или на две недели, е незамисливо да се остави работникот 45 дена без плата. Кај нас, минималната месечна плата е 24.400 денари, така ако дневно се работи осум часа, тоа значи дека минималната саатница е 140 денари. И доколку се зголеми минималната плата на 600 евра, колку што бараме, тогаш саатницата ќе биде 3,5 евра на час, што е далеку зад просекот во ЕУ, кој изнесува 25 евра – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Од друга страна, пак, работодавците велат дека саатницата во Македонија е ниска затоа што не се продуктивни работниците и дека голем дел од нив наместо осум, работат само два-три часа.
– Кај нас, и покрај тоа што работното време е осум часа дневно, поголем дел од работниците не работат ни два часа во текот на денот. Така што и на работниците нема да им се исплати доколку би биле платени на час. Така, на пример, во една државна компанија каде што има 40-мина вработени, 14-мина не се појавуваат на работа. Треба да се биде реален. И во приватниот сектор работодавците сè уште не може да објаснат како се систематизира работното време и немаат контрола за тоа колку работат работниците. Кај нас, 98 отсто се микро, мали и средни претпријатија, од кои најголем дел немаат сектор за човечки ресурси и не знаат што значи норма, учинок, како се управува со работниот процес… Поради тоа, не само цената на работниот час, не може да ја одредат ни цената на својот производ, па ја земаат таа што е моментално на пазарот – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Според податоците, дури 33 отсто од работниците во државата живеат со плата под 30.000 денари, а заклучно со ноември минатата година, околу 16.000 работници во просек добивале плата до 23.000 денари, што значи под законскиот минимум од 24.397 денари.
(А. С.)












