Сојузот на синдикати на Македонија вчера ја блокираше Стопанската комора, односно газдите, кои упорно одбиваат да им ги зголемат платите. Блокадите на синдикалците се претворија во отворена пресметка меѓу синдикатите, Владата и приватниот сектор околу тоа кој ќе ја плати разликата за зголемениот минималец и останатите плати. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека понудата за зголемување на платите е се уште на маса и газдите може да седнат и да се договорат со нив. Ако сега не ја прифатат понудата за поголеми плати, рече дека следниот пат нема да дојдат со понуда, туку со генерален штрајк кој ќе ги чини газдите и државата многу повеќе од нивните работнички плати.
-Тука сме кај газдите, кај истите тие кои испратија цели наши семејства во странство, кај газдите кој одбиваат да ја зголемат минималната плата и останатите плати само затоа што законот не се променил. Владата веќе кажа дека се договорила со своите вработени па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор. Газдите мора да сватат дека имаат пријатели само во работниците, но можат да имаат и непријатели. Владата не им е пријател затоа што ги казнува, инстутуциите ги даночат им праќаат контроли, а газдите ги оставаат сами да се договорат со своите вработени. Но, проблем е тоа што истите газди не дозволуваат синдикално организирање на најголемиот дел од приватниот сектор. Само еден од десет колеги се бори за вашите плати, може да замислите како ќе беше ако се бореа 8 од 10 вработени. Може да замислите што ќе беше ако од 540 илјади работници само 100 илјади работници излезеа на улица, изјави Требндафилов.
Тој рече дека и покрај притисоците нема да се откажат од борбата за повисоки плати, а на улица излегуваат со по 21 човек само заради почитување на законот за јавните собири.

Синдикалците упатија порака до работодавачите да се договорат за повисоки плати и да ја задолжат Владата да ги плаќа придонесите за тие вработени кои ќе добијат зголемување на платите.
-Понудата е уште на маса и им ја кажуваме од улица, следниот пат нема да има понуда туку ќе организираме генерален штрајк кој нив ќе чини многу повеќе од зголемувањето на платите на работниците. Само еден ден затварање на компаните и институциите државата ќе ја чини многу повеќе од годишно зголемување на работничките плати, односно многу повеќе од тоа што може да го направи сега да прифати да ги покрие придонесите за задолжително социјално и здравствено осигурување. Ние не бараме да плаќаат за газдите како што некој сака да каже, не бараме тие да ги плаќаат платите, работодавачите ќе ги платат платите, но тие да се откажат од делот од колачот. Ако го прифатеа тоа лани како што бараа работодавачите денеска во буџетот ќе имаше најмалку 10 милиони евра на месечно ниво или 120 милиони евра на годишно ниво, рече претеседателот на ССМ.
Синдикалците Вработените во приватниот сектор се на нивните работни места, а ние сме тука во нивно име да ги пренесеме пораките.
-Пораката од нив е дека следниот пат и они ќе бидат со нас на улица доколку газдите и понатаму не се одважат и седнат со нас да разговараат за подобри услови за работа и подобри плата. Барањето за 600 евра минимална плата не е за сите да бидеме на минималец, туку таа да биде пресметковна единица со која ќе се множат коефициентите на сите работници во јавниот сектор. За 400 и 500 евра плата не само што нема да имаме продуктивни работници, туку нема да имаме никакви работници. Доколку газдите дел од колачот на дадат на вработените кои им ги создале тој профит ќе бидеме приморани секојдневно да бидема на улица со блокади и секој ден да ги потсетуваме дека за тие плати нема да работиме. Условите за работа и платите во приватниот сектор се повеќе од мизерни и повеќе наликуваат на социјална помош отколку на плата пристојна за живот. Потсетувам дека секое седнување на маса со газдите не е социјален дијалог кој доведува до унапредување на работнички права и плати, туку кратење на се она за што досега се изборил синдикатот, изјави Иван Пешевски претседател на Синдикатот на градежништво, индустрија и проектирање.
ССМ следната недела ќе организира блокади пред Владата, а раководството на синдикатите најави нов голем протест во неработен ден со организиран превоз со цел да им се даде шанса на сите работници да излезат на улица.
(А.С.)












