Работниците во Македонија сè уште гинат на работните места, бидејќи газдите штедат на заштитна опрема. Инспекторите на Државниот инспекторат за труд постојано вршат надзор во однос на тоа дали се применуваат законите и другите прописи во делот на безбедноста и здравјето при работа со кои се уредуваат и остваруваат правата на работниците и обврските и одговорностите на работодавците во овој сегмент. Од Инспекторат велат дека има тренд на зголемување на бројот на надзори и намалување на бројот на несреќи при работа и смртни случаи. Така, во првите шест месеци од годинава имало 4, а од почетокот на годинава досега – 6 смртни случаи, што е двојно помалку од лани, кога имало вкупно 17 смртни случаи. Според податоците на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, во изминативе години, повредите со фатален крај во државата, во просек, се движеле околу 20 годишно. Оттаму велат дека причината за големиот број несреќи при работа е што сè уште имаме несоодветна и необезбедена лична заштитна опрема, непроверена механизација, несоодветен кадар…
Директорот на Државниот инспекторат за труд, Гани Максути, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека постојано се врши надзор во однос на законите за работни односи и за безбедност и здравје при работа.
– Инспекторатот постојано врши надзор во однос на тоа дали се применуваат законите и другите прописи во делот на работните односи, вработувањето, безбедноста и здравјето при работа, колективните договори, договорите за вработување… Така, можам да кажам дека од околу 25 илјади надзори минатата година, речиси половина, односно 45 отсто, се однесуваат на заштитата и безбедноста при работа. Оваа година имаме многу подобри резултати, бидејќи имаме агенда од ЕУ да ги следиме ризичните области: градежништво, земјоделство и гастрономија. Има правилници со кои се регулираат работните односи и повредите на работното место. Така, доколку е пријавен работникот, тогаш тоа го покрива Фондот за здравство, односно му се плаќа соодветен надоместок доколку е пријавен. Ако не е пријавен, тогаш се работи за сива економија и не само што работникот нема да добие надоместок туку во тој случај ќе биде казнета и фирмата, затоа што држи непријавени работници – вели Максути.
Тој вели дека годинава трендот е добар и дека е преполовен бројот на смртни случаи во однос на минатата година, што се должи, пред сè, на зачестениот надзор од инспекторите, кои постојано се на терен и вршат контроли за користење на заштитната опрема.
– Редовно објавуваме извештаи за спроведениот надзор за повреди на работното место. Во извештаите стои колку повреди имало, какви биле повредите, а во извештаите се регистрираат и оние повреди што не се толку сериозни. Во Законот за работни односи стои дека секое отсуство од работа над три дена мора да се пријави во ДИТ во рок од 48 часа. Во првите шест месеци, заклучно со јуни, имаме тренд на зголемување на надзорот, а намалување на бројот на несреќи при работа и смртни случаи. Во првите шест месеци има 4 смртни случаи, а од почетокот на годината досега, имаме вкупно 6 смртни случаи, што е многу помалку од тој период лани – велат од Државниот инспекторат за труд.
Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање апелираат за донесување нов закон за безбедност и здравје при работа, како и на подзаконски акти и правилници што ја уредуваат оваа материја за да се намали бројот на несреќи.
– Во градежништвото. на годишно ниво сè уште имаме многу повреди, статистички над 200, а помалку пријави за повредено право од безбедност и здравје при работа кај работодавецот. Сè уште имаме несоодветна и необезбедена, во голем дел, лична заштитна опрема, непроверена механизација, несоодветен кадар и непријавени работници. Исто така, покрај градежништвото, со голем број повреди при работа се соочуваат и вработените во дејностите земјоделство, метална индустрија, шумарство, сообраќај и транспорт… Голем хендикеп е што сè помалку имаме на хартија професионално заболени лица, а во практиката – сè повеќе. Зависно од повредата, средствата што им се исплаќаат на работниците од осигурувањето се многу мали, а за потсетување, обесштетувањето за смртен случај е 5.000 евра – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, претседател на СГИП.
Според него, лошите услови за работа, немањето бенефициран стаж, ниските плати и нееднаквиот третман пред суд довеле до тоа Македонија да остане без квалификуван кадар.
Тој вели дека поради немање работници, загрозена е изведбата на следните инфраструктурни објекти, имајќи предвид дека недостигаат неколку илјади мајстори само во секторот градежништво и индустрија за градежни материјали. Сè додека делот за безбедност и здравје при работа е трошок за работодавците наместо инвестиција, не може да очекуваме напредок или позаштитени работници.
(А. С.)












