Трофејниот македонски клуб, КК Работнички, се соочува со финансиски колапс. Играчите и стручниот штаб јавно објавија дека не примиле плата осум месеци, нешто што е одлика и на самите резултати изминативе години.

Кошаркарите тврдат дека состојбата е алармантна, велат дека ветувањата не се исполнети, а спортскиот директор не одговарал на повиците. Тие, заедно со стручниот штаб, не биле повикани ниту на отворањето на реновираната сала која треба да биде нивен дом.

  • Ние, играчите и стручниот штаб на КК Работнички сме принудени јавно и недвосмислено да реагираме поради крајно неприфатливата и понижувачка состојба во која се наоѓа тимот, како и поради игнорантскиот однос на раководството и на локалната власт кон луѓето кои секојдневно го бранат грбот на клубот.
  • Со месеци наназад предупредуваме дека ситуацијата е алармантна, но место решенија, добиваме молк, празни ветувања и избегнување одговорност. Во овој момент, на играчите им се должат осум плати, што претставува директен удар врз нашата егзистенција, нашите семејства и нашето достоинство како професионалци. Ова не е само финансиски проблем – ова е системско непочитување на луѓето кои го претставуваат клубот.
  • Тимот функционира во недостоинствени услови, без основна опрема, без елементарна логистика и со постојана неизвесност околу најосновните организациски прашања. На патувања сме оставени сами на себе, без сигурен превоз, па често навивачите ги покриваат овие трошоци. Ова е срам за клуб со ваква историја и реноме.
  • Дополнителен врв на непочитување е фактот што ниту играчите ниту стручниот штаб не беа поканети на официјалното отворање на реновираната сала – нашата „куќа“. Овој чин јасно покажува колку малку се ценат луѓето кои секојдневно се борат за грбот и угледот на клубот.
  • Јавно констатираме дека ветувањата дадени од градоначалникот не се исполнети, всушност, слободно можеме да кажеме дека тој неколкупати нè излажа, а спортскиот директор со недели не одговара на телефонските повици и пораките, со што практично ја прекина секоја форма на комуникација со тимот. Ваквиот однос го сметаме за неодговорен и недозволив.
  • Доколку во најкраток можен рок не се подмират заостанатите обврски и не се преземат конкретни и видливи чекори за стабилизација на клубот, јавно соопштуваме дека нема да ги играме следните натпревари. За оваа одлука целосната одговорност ќе ја сносат раководните структури и институциите кои дозволија клубот да дојде до оваа состојба.
  • Ние не бараме привилегии – бараме основни услови за работа, почит и исполнување на договорените обврски. Секое понатамошно игнорирање ќе значи директно уништување на спортскиот интегритет на клубот и ќе ја информираме целокупната јавност и релевантните институции за сите наредни чекори.
  • Во интерес на вистината, навивачите и на македонската кошарка, бараме итна и транспарентна реакција. Работнички е поголем од сите поединци, но без луѓето кои играат и работат во него – нема клуб.
  • Остануваме обединети, но решителни да се избориме за нашите права и достоинство, се вели во соопштението на КК Работнички.

ИЗДВОЕНИ