На 11 февруари 2026 година се одржа состанок на Работната група посветен на прашањето за подолг престој на професионалните возачи во Шенген зоната, на кој учествуваа претставници од шесте држави од Западен Балкан, вклучително и Албанија и Косово. Целта на средбата беше размена на технички показатели и изнаоѓање соодветно решение за преодниот период до целосното спроведување на новата Стратегија за визна либерализација на Европската Унија.
Во рок од две недели е закажан нов состанок на Работната група, по дополнителни консултации што претставниците треба да ги спроведат со своите држави во рамките на Шенген зоната.
Со дополнетата Стратегија за визна либерализација на ЕУ, за првпат јасно се признава статусот на професионалниот возач како лице што врши дејност, со потреба од соодветен третман. Тоа подразбира можност за подолг престој од сегашното ограничување од 90 дена во период од 180 дена, по примерот на екипажите во другите видови транспорт.
Во меѓувреме, Асоцијација Макам-транс презема конкретни активности за надминување на предизвиците со кои се соочуваат возачите во преодниот период. Испратен е официјален допис до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за институционална поддршка и организирање средба со амбасадорите на земјите членки на Шенген зоната кои имаат дипломатски претставништва во државата. Покана е упатена и до амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, како и до претседателот на Комората за странски инвестиции.
Целта на иницијативата е обезбедување услови за непречено вршење на превоз на стока и патници на територијата на ЕУ во преодниот период, без неправедни ограничувања и дискриминаторни постапки, во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација од 2001 година и билатералните договори од областа на патниот превоз.
Дополнително, Асоцијацијата испрати барања до амбасадите на земјите членки на Шенген зоната за информации околу можноста за добивање посебна виза за професионални возачи за подолг престој, со евентуална важност за сите држави во зоната.
Поддршка е побарана и од стопанските комори, Организацијата на работодавачи, како и од претставници на секторот патен транспорт и логистика од Белгија, со цел обезбедување поширока европска координација преку нивните партнери во земјите од Шенген зоната. Испратен е допис и до Делегацијата на Европската Унија во државата со барање за воспоставување преодно решение до целосната имплементација на новата стратегија.
Од Асоцијација Макам-транс нагласуваат дека нивната цел останува јасна – да се обезбеди непречено вршење на дејноста превоз во патниот сообраќај, со целосно почитување на меѓународните и европските правни стандарди и без дискриминација на професионалните возачи.
Асоцијацијата најавува дека активно ќе продолжи да учествува во процесот на изнаоѓање системско решение и навремено ќе ја информира јавноста за сите официјални одлуки и насоки.
(С.Бл.)












