Македонија во моментов работи на изградба на нови автопати и на проект за брза железница на коридороте 8 и 10 кои се од огромно економско и стратешко значење за државата, поради што Владата е влезена во обемен инвестициски циклус со цел да се унапредат, а за тоа е потребна силна подршка од Европа. Ова меѓудругото во интервју за Франс 24 го изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски за време на неговата работна посета на Франција.
Тој потсети дека Македонија има уникатна географска позиција каде што двата паневропски коридори се вкрстуваат источно од главниот град Скопје, што претставува исклучителен случај во југоисточна Европа.
– Коридорот 10 ги поврзува грчките пристаништа со Централна и Северна Европа и го намалува времето на испорака од 22 дена, а Коридорот 8 го поврзува Јадранското со Црното Море и не случајно НАТО го назначи Коридорот 8 како втор најважен воено-стратешки коридор, бидејќи служи како алтернативна рута за снабдување на Украина – рече Николоски.
Тој понатаму објасни дека Коридорот 10 имаме автопат, а сега ќе се започне со брза железница која ќе овозможи брзина до 200 км/час за патници и до 120 км/час за транспорт на стока. На Коридорот 8, рече се работи на изградба на автопати, а се очекува целосно автопаско решение да имаме до 2029 година, а истовремено, на овој коридор се работи и на железничката инфраструктура.
– Овие планови ја надминуваатнашата домашна економија, затоа склучивме Договор „Влада со Влада“ со Обединетото Кралство, вреден 6 милијарди евра и бараме слични партнерства и со Франција и други европски земји – потенцираше вицепремиерот Николоски во интервјуто споделено на неговиот фејсбук профил.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство за постигнатиот напредок меѓу Скопје и Софија за доизградбата на Коридорот 8. Посочи дека така треба соседите да градат доверба.
– Што се однесува до Коридорот 8, јас се радувам и би рекол аплаудирам на постигнатиот напредок, којшто го имаа на Николоски, со неговиот колега од бугарската Влада. Тоа е чекор напред. Така треба да градат доверба соседи, заеднички да реализираат проекти, да ги надминуваат потенцијалните предизвици. Мислам дека е огромна порака – вели Мицкоски.
Премерот Мицкоски очекува веќе следната недела, во Брисел на техничко експертско ниво да се разговара за деталите и како што рече „очекуваме тука исто така да излезе во пресрет и самата ЕУ, и тој тунел којшто претставуваше пречка, да го финансира преку грант“.
Прашан и за понудите за изградба на Коридорот 10, Мицкоски одговори дека до 7 јули се очекува да пристигнат понуди од финансиски институции.
– Сега не би коментирал дали има пристигнато, да почекаме, недела дена се во прашање, не е премногу – подвлече Мицкоски.