Путин ѝ порача на Европа дека е подготвен за војна, па отиде да разговара за мир со Американците

1
epa12565020 Russian President Vladimir Putin (3-R) meets with US Presidential Envoy Steve Witkoff (2-L) and Trump's son-in-law Jared Kushner (3-L) at the Kremlin in Moscow, Russia, 02 December 2025. Putin received Witkoff and Kushner to discuss US President Trump's 'peace plan' for Ukraine. EPA/KRISTINA KORMILITSINA / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Се согласивме за некои работи… додека други предизвикаа критики, а претседателот Путин, исто така, не го криеше нашиот критички, дури и негативен став кон голем број предлози. Но, главната работа е што имавме многу корисна дискусија, рече Ушаков по преговорите. Кремљ соопшти дека разговорите за нацрт-планот за мир ќе продолжат. Не се знае дали и кога американските преговарачи ќе имаат средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако предвидената за вчера беше откажана

Најновата рунда во дипломатската офанзива на САД за крај на војната во Украина заврши без конкретен резултат. Американските преговарачи, специјалниот пратеник Стив Виткоф и претприемачот Џеред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, се вратија дома од Москва со празни раце, откако со готов план, по петчасовните преговори со рускиот претседател Владимир Путин, не успеаја да постигнат сериозен напредок. Многумина тоа и го очекуваа, откако пред самите преговори Путин ѝ порача на Европа дека Русија е подготвена за војна.

Кремљ вчера соопшти дека разговорите за нацрт-планот за мир ќе продолжат. Не се знае дали и кога американските преговарачи ќе имаат средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако предвидената за вчера беше откажана.

Мировниот план на Трамп, тајно осмислен во соработка со Русија, содржеше 28 точки, а потоа, по преговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски се сведе на 19. Каков мировен план му понудил Виткоф на Путин е нејасно, но, како што информираа медиумите, рускиот претседател јасно ставил до знаење дека не е заинтересиран за компромиси и ги повторил максималистичките барања: Украина да ја ограничи големината на својата армија, да се откаже од дел од територијата и никогаш да не влезе во НАТО. Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, по разговорите им изјави на новинарите дека состанокот се фокусирал на мировен план подготвен од САД и бил „многу корисен, конструктивен и многу информативен“, но дека има уште работи што треба да се направат. Тој рече дека двете страни разговарале за план од 27 точки и добиле повеќе документи од американската страна, но не објасни што содржат тие. Ушаков додаде дека Русија и САД се согласиле да не откриваат детали од разговорите.

– Се согласивме за некои работи… додека други предизвикаа критики, а претседателот Путин, исто така, не го криеше нашиот критички, дури и негативен став кон голем број предлози. Но, главната работа е што имавме многу корисна дискусија, рече тој, пренесе „Ен-би-си њуз“.

Ушаков, исто така, информира дека за време на разговорите биле разгледани можни територијални отстапки, како и економска соработка меѓу Русија и САД. Според него, покрај мастер-планот, Русија добила четири дополнителни документи.

На дневниот брифинг за медиумите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека би било погрешно да се каже дека рускиот претседател го отфрлил предложениот американски мировен план дискутиран вчера.

– Разговорите беа само прва размена на мислења. Путин прифати некои од предлозите, а други ги отфрли во она што беше нормален процес на преговори, рече тој

Путин, овој пат, влезе на преговори на свој терен охрабрен од напредокот на руската војска во Украина. Како увертира на разговорите, во неделата, облечен во воена униформа, тој објави дека Русија ја презела контролата врз источноукраинскиот град Покровск, наспроти тврдењата на Украина дека тоа не е точно и дека во градот сè уште се водат борби. Неговите контакти со војската се ретки и, главно, темпирани пред важен настан. Поентата на внимателно режираната средба меѓу Путин и неговите врвни воени лидери во неделата беше да му се покаже на светот дека Русија победува во Украина, пишува „Си-ен-ен“.

Додека траат мировните преговори, борбите на украинскиот фронт, според најавата на Песков, по сè изгледа ќе продолжат и за време на новогодишните празници. Тој денеска изјави дека во моментов не се разгледува новогодишно примирје. Како што пренесе агенцијата „РИА новости“, тој на новинарите им рекол дека сè уште нема разговори за тоа, зашто во тек е сосема друг процес.

ИЗДВОЕНИ