Путин во телефонски разговор со Макрон: Украинскиот конфликт е директна последица на западните политики

126

Рускиот претседател Владимир Путин денес телефонски разговараше со својот француски колега Емануел Макрон за војната во Украина, како и за ситуацијата на Блискиот Исток во контекст на конфликтот Иран-Израел и американските напади врз иранските објекти, објави Кремљ.

Како што е наведено, Путин во разговорот рекол дека украинскиот конфликт е директна последица на западните политики. „Украинскиот конфликт е директна последица на политиките на западните земји, кои со години ги игнорираа безбедносните интереси на Русија, создадоа антируско упориште во Украина и толерираа кршење на правата на рускојазичната заедница“, нагласи Путин, објави Кремљ.

Путин оцени дека решението во Украина треба да биде сеопфатно, да ги елиминира коренските причини и да се базира на реалноста на терен. „Западните земји водат политика на продолжување на воените операции, хранејќи го режимот во Киев со разни современи оружја“, нагласи рускиот лидер, објави ТАШ.

Путин и Макрон ја нагласија важноста на почитувањето на правото на Иран на мирна нуклеарна енергија и исполнувањето на неговите обврски според Договорот за неширење на нуклеарно оружје, вклучително и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Рускиот и францускиот претседател повикаа на решавање на кризата околу Иран и другите конфликти во регионот преку дипломатија.

Тие, исто така, се согласија да продолжат со контактите со цел можна координација на ставовите за решавање на проблемите на Блискиот Исток.

Тие особено ја нагласија одговорноста на Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност на ОН во зачувувањето на мирот и безбедноста, се вели во соопштението на Кремљ.

ИЗДВОЕНИ