Рускиот претседател Владимир Путин веројатно нема да попушти во врска со ултиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување повеќе санкции врз Русија, кој истекува в петок. Toj pродолжува да се стреми кон целосна окупација на четири украински региони, соопштија извори блиски до Кремљ.
Три неименувани извори изјавија дека решителноста на Путин да продолжи понатаму е поттикната од неговото верување дека Русија победува и скептицизмот дека дополнителните санкции на САД ќе имаат значително влијание, објави Ројтерс.
Рускиот претседател не сака да го налути Трамп и сфаќа дека можеби пропушта можност да ги подобри односите со Вашингтон и Западот, но неговите воени цели имаат предност, изјавија двајца од изворите. Toj го цени односот со Трамп и не сака да го налути, меѓутоа, „едноставно има приоритет – не може да си дозволи да ја заврши војната само затоа што Трамп го сака тоа“, вели рускиот извор.
Друго лице блиско до Кремљ, исто така, посочува дека Русија сака да ги преземе сите четири региони и не гледа логика во запирањето во време кога напредува на фронтот за време на летната офанзива.
Неименуваните извори рекоа дека заканата на Трамп со санкции била болна и непријатна, но дека не претставувала катастрофа.
Еден од изврите изјавил дека не е сигурно дали Трамп навистина ќе го исполни својот ултиматум, бидејќи „тој се заканувал и претходно, па затоа не направил ништо или ќе се предомислел“.
Тој додаде дека е тешко да се замисли дека Кина би престанала да купува руска нафта поради барањата на Трамп и дека неговите постапки би можеле да имаат спротивен ефект со тоа што ќе предизвикаат зголемување на цените на нафтата.
Трамп се закани дека ќе воведе нови санкции против Русија и ќе наметне 100-процентни царини за земјите што купуваат нејзина нафта, доколку Путин не се согласи на прекин на огнот во војната во Украина.