Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека се надева оти Александар Вучиќ ќе стане премиер на Србија по изборите, истакнувајќи дека Москва ја цени политиката што Белград ја води кон Русија, пренесува „Спутник“.
Едно од прашањата упатени до Путин на 23-тата средба на клубот за дискусија „Валдај“ се однесуваше на Србија.
Путин рече дека неговиот став е добро познат и дека Русија високо го цени воздржаниот став на Србија во однос на спорните прашања и нејзината одлука да не воведува санкции кон Москва, пренесува порталот „Спутник“.
Тој додаде дека не разбира зошто Западот се однесува толку неправедно кон српскиот народ.
Исто така, изрази надеж дека Александар Вучиќ ќе стане премиер по изборите.
„Актуелното раководство на Србија – вклучително и нејзиниот поранешен претседател и, се надевам, иден премиер Александар Вучиќ – води избалансирана политика и се стреми кон соработка со Русија, а ние секако го цениме тоа и ќе возвратиме на ист начин“, рече рускиот лидер.












