Путин: Санкциите се сериозни, но недоволно силни за да влијаат врз нашата економска благосостојба

205

Санкциите се „непријателски чин што не придонесува за зајакнување на руско-американските односи, кои штотуку почнаа да закрепнуваат“, изјави Путин. Претходно, руското Министерство за надворешни работи објави дека новите санкции би можеле да ги загрозат дипломатските напори за завршување на војната во Украина и дека Русија развила „силен имунитет“ на таквите мерки.

Најновите американски санкции насочени кон две големи руски нафтени компании се „сериозни“, но тие не се доволно силни за да влијаат значително врз економијата. Ова е првата реакција на рускиот претседател Владимир Путин на санкциите што САД во среда ги воведоа врз двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, пренесе „Москва тајмс“.

– Тие се, секако, сериозни за нас, тоа е јасно. И ќе имаат одредени последици, но нема значително да влијаат на нашата економска благосостојба, им рече Путин на новинарите.

Тој додаде дека санкциите се „непријателски чин што не придонесува за зајакнување на руско-американските односи, кои штотуку почнаа да се закрепнуваат“.

Претходно, руското Министерство за надворешни работи објави дека новите санкции би можеле да ги загрозат дипломатските напори за завршување на војната во Украина и дека Русија развила „силен имунитет“ на таквите мерки.

Ова се првите санкции против Русија откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на функцијата. Но, можни се и нови, за кои, како што изјави портпаролката на Белата куќа во четвртокот, Керолин Ливит, ќе одлучи Трамп.

За ваквото драстично заострување на односот кон Русија, според извори на американските медиуми, Трамп наводно пронашол дополнителна мотивација во примирјето во Газа за кое посредуваше, верувајќи дека до тоа дошло дури откако зазел построг став кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

– Суровиот однос довел до акција, посочил еден од изворите.

Иако со месеци се закануваше со санкции, Трамп се двоумеше, загрижен дека цврстиот пристап би можел да го оддалечи Путин од разговорите. На санкциите им претходеше негова изјава дека ја откажува средбата со Путин што деновиве се очекуваше да се одржи во Будимпешта. Сепак, тој не ја исклучува можноста за идна средба „кога ќе дојде време“.

– Мислам дека претседателот и целата администрација се надеваат дека еден ден тоа може да се случи повторно. Но, сакаме да се осигуриме дека од таа средба ќе произлезе опиплив, позитивен исход, рече портпаролката на Белата куќа.

Администрацијата на Трамп се обиде да ја претстави Америка како донекаде неутрален посредник меѓу двете завојувани земји, по години целосна поддршка за Украина од неговиот претходник, Џо Бајден. Но, сега се налути на Кремљ поради однесувањето за време на преговорите, откако со месеци се закануваше со санкции, но се двоумеше околу нивното воведување загрижен дека цврстиот пристап би можел да го оддалечи Путин од разговорите.

 

Реклама со Реган го налути Трамп, па ѝ воведе царини на Канада

 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека веднаш ги прекинува сите трговски преговори со Канада поради телевизиска реклама за која тој вели дека е лажна. САД воведоа царина од 35% за канадскиот увоз, иако дозволија исклучоци за стоки опфатени со Договорот за слободна трговија меѓу Мексико и Канада, кој Трамп го договори за време на неговиот прв мандат. Исто така, воведени се секторски царини за канадски стоки, вклучувајќи 50% за метали и 25% за автомобили.

На 14 октомври, премиерот на Онтарио, Даг Форд, кој себеси се нарече „голем обожавател на Роналд Реган“, објави дека покраината ќе потроши 75 милиони долари за реклами што ќе се прикажуваат во САД, во кои Реган ги критикува царините.

Во рекламата што Форд ја сподели на „Икс“, се слуша како Реган вели: „Кога некој вели: Ајде да воведеме царини за странски увоз, изгледа како да прави патриотска работа со тоа што ги штити американските производи и работните места. И понекогаш функционира за кратко време, но само за кратко време. На долг рок, ваквите трговски бариери му штетат на секој американски работник и на секој потрошувач“.

ИЗДВОЕНИ