Путин сака да го манипулира Трамп, но тој со санкциите кажа дека му е доста

169

Состанокот меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и рускиот, Владимир Путин, кој се очекуваше деновиве во Будимпешта, САД го одложиле поради непопустливиот став на Русија во врска со категоричните услови поврзани со Украина, пренесе „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Како што јавува весникот цитирајќи извори упатени во ситуацијата, одлуката дошла по тензичен телефонски разговор меѓу највисоките дипломати на двете држави. Белата куќа сè уште нема одговорено на барањето за коментар, додека руските државни службеници не биле веднаш достапни.

– Иницијалните планови за самит во Будимпешта овој месец, помеѓу Трамп и Путин, беа одложени откако Москва остана цврста на своите барања, вклучувајќи и отстапување повеќе територија од страна на Украина, како предуслов за прекин на огнот. Трамп го поддржа повикот на Украина за итно запирање на воените дејства на постојните линии на фронтот – пишува ФТ.

Весникот извести дека по неколку дена откако се согласиле Трамп и Путин да се сретнат во унгарскиот главен град за да разговараат за тоа како да ѝ се стави крај на војната во Украина, руското Министерство за надворешни работи испратило меморандум до Вашингтон во кој ги навело истите барања за решавање на она што Путин го нарекува „главни причини“ за неговата инвазија, кои вклучуваат територијални отстапки, значително намалување на вооружените сили на Украина и уверување дека никогаш нема да му се приклучи на НАТО. Според извештајот на ФТ, САД го откажале најавениот самит по телефонски разговор меѓу рускиот  министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Марко Рубио. По тој разговор, Рубио му рекол на Трамп дека Москва не е подготвена за преговори.

– Се чини дека разговорот со Лавров го убедил Рубио дека Русија сè уште ги следи своите максималистички воени цели и дека уште една средба меѓу Трамп и Путин, како средбата на Алјаска, нема да донесе никаков значаен напредок – вели Чарлс Купчан, виш соработник во Советот за надворешни односи.

Рихор Нижникау, експерт за Русија во Финскиот институт за меѓународни односи, додава дека „најверојатно, Трамп сфатил дека без суштина на масата, тоа би било уште едно јавно понижување за него. Тој очигледно бил навреден од перцепцијата на Запад за Алјаска и не сака да го прави тоа повторно“.

Откако ја презеде Трамп Белата куќа, Русија употреби бројни трикови, од ласкање до нуклеарни закани, за да го задржи на своја страна. Сепак, според аналитичарите, Москва „претерала“. Со отфрлање на секој предлог на Трамп за примирје, замрзнување на фронтот или омекнување на барањата, Кремљ ги пропушти можностите што му ги понуди Белата куќа. А сега, со санкциите врз „Роснефт“ и „Лукоил“, Трамп покажа дека му е доста.

– Тоа е мешавина од ласкање (Трамп ја заслужи Нобеловата награда), закани (Томахавк ќе значат ново ниво на ескалација и ќе предизвикаат сериозна штета на односите меѓу САД и Русија), ветувања (големите трговски и економски договори се веднаш зад аголот кога ќе се воспостави мир) и манипулација (Украина и Европа си играат со Трамп и го поткопаа позитивниот моментум по самитот на Алјаска) – изјави за „Киев индепендент“ Стефан Волф, професор по меѓународна безбедност на Универзитетот во Бирмингем.

Некои експерти предупредуваат дека Путин го потценил трпението на Трамп.

– Логично е да претпоставиме дека Путин сака да го манипулира и неутрализира Трамп, но дека постигнувањето на неговите цели против Украина е повисок приоритет, што тој верува дека Русија може да го постигне со продолжување на воените напори, па затоа ќе прифати поголем американски притисок ако не успее да го контролира Трамп –

– објаснува Ричард Бетс, емеритус професор по воени и мировни студии на Универзитетот „Колумбија“.

Според Вилијам Волфорт, професор по меѓународни односи на колеџот „Дартмут“, Путин проценува дека може да го постигне она што го сака во Украина со продолжување на војната.

– Тој вели дека верува оти САД и Европа се сили во опаѓање и затоа на крајот ќе мора да ѝ се покорат на руската одлучност да доминира во Украина. Тој вели дека е заинтересиран за нормални односи со САД, но, очигледно, само ако САД ја напуштат Украина – заклучува Волфорт за „Киев индепендент“.

ИЗДВОЕНИ