Путин: Русија ги претстави своите предлози за мир и до Иран и до Израел

404
Фото: EPA-EFE/ANATOLY MALTSEV

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека добил ветување од Израел дека рускиот персонал во нуклеарната централа што неговата земја ја гради во Иран ќе биде безбеден, пренесе „Бета“.

Тој, исто така, на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург рече дека им се обратил и на Израел и на Иран за да ја прекинат нивната војна.

Тој, исто така, ја предупреди Украина, со која Русија е во војна, дека може да изгуби уште територија ако продолжи да ги отфрла условите на Русија за мир.

Путин рече дека Русија предложила „некои идеи“ за можно решение на војната меѓу Иран и Израел, кои моментално се дискутираат.

Москва, рече тој, побарала од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја обезбеди безбедноста на рускиот персонал што гради два реактори во нуклеарна централа во иранското пристаниште Бушер.

Путин тврди дека го покренал прашањето во разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Премиерот Нетанјаху се согласи со ова, а претседателот Трамп вети дека ќе ги поддржи нашите легитимни барања“, рече Путин.

Но, тој остро ги отфрли тврдењата дека Москва не го поддржала својот сојузник Иран, велејќи дека Кремљ одржува добри односи и со Техеран и со Ерусалим.

Тој истакна дека Израел е дом на речиси два милиони луѓе од Русија и други поранешни советски републики.

Во исто време, рече Путин, Русија отсекогаш ги исполнувала своите обврски кон Иран и цврсто го поддржува правото на Техеран за мирно користење на нуклеарната енергија.

Тој изрази загриженост „за тоа што се случува околу нуклеарните постројки на Иран и можните последици“ како што се интензивира војната Иран-Израел.

ИЗДВОЕНИ